БРАВО АНТОНИО

ivce1Ќе набележиме неколку грешки, онака како што сме ги слушале, а потоа ќе ги  прокоментираме.

Дозата им е прекорачена!

Јаткасти плодови!

Кој сака да си приушти веселба?

ЕУ караван!

Чипка, чипкасто!

Квар во инсталацијата!

На нив ќе им бидат достапни!

Бидете приметени!

Ќе кажеме за сите по нешто.

1. Дозата им е прекорачена: Докторката зборува нешто во врска со употребата на некои лекови, вели дека дозата била ПРЕКОРАЧЕНА. И од други ја слушаме оваа грешка. Зошто ПРЕКОРАЧЕНА? Именката КОРАК е српска. Дозата можела да биде ПРЕЧЕКОРЕНА, НАДМИНАТА, а не ПРЕКОРАЧЕНА.

2. Јаткасти плодови: Емисија од областа на кулинарството на нашиот Јавен сервис. Презентира готвачот разно-разни рецепти. Многупати ја употребува придавката ЈАТКАСТИ. Кај нас тие треба да гласат ЈАТКЕСТИ.

3. Кој сака да си приушти веселба: Емисија на МРТ. Водител – уредникот на информативната програма. Каде ли го најде глаголот ПРИУШТИ? Го нема тој збор во нашиот јазик. Кој сака да си ДОЗВОЛИ, да си ОВОЗМОЖИ или некако слично, но никако не да си ПРИУШТИ.

4. ЕУ караван: Истиот господин е водител и на една друга емисија – ЕУ КАРАВАН. Оди од град во град и оттаму се јавува со некои специфичности. На екранот со крупни букви читаме ЕУ КАРАВАН. А и водителот така го изговара тој збор – КАРАВАН. Зошто така? Во МРТ има лектори, а и самиот господин е уредник на информативната програма. Зар не знаат, зар не чуле дека КАРВАН е нашиот збор. “Винари белограѓани, кротко терајте КАРВАНОТ”, а не КАРАВАНОТ.

5. Чипка, чипкасто: Емисија во врска со модата. Објаснува госпоѓата дека долниот дел од фустанот бил од Чипка. Се било ЧИПКАСТО. ТАНТЕЛА! ТАНЕТЕЛА е нашиот збор. Се било ТАНТЕЛЕСТО.

6. Квар на инсталацијата: Изгорел манастир во Владимирово – беровско. Детално информира новинарката. Вели дека причината можно е да била КВАР на инсталацијата. Можеби инсталацијата била дотраена, можеби имало ДЕФЕКТ. Новинарката го одбрала српскиот збор – КВАР.

7. На нив ќе им бидат достапни: И ваква реченица слушнавме. Погрешно. “НИМ ќе  ИМ бидат достапни”, така треба да гласи реченицата.

8. Бидете приметени: Се рекламираат некакви патики. Биле убави. При одењето создавале светлосни ефекти и затоа го правеле сопственикот брзо ЗАБЕЛЕЖЛИВ. Но, ние слушаме “Бидете приметени” наместо “Бидете забележани”.

Грешка по грешка до недоброј. Не може човек да ги забележи сите. Но, има еден несекојдневен случај што влева оптимизам. Дури и предизвикува радост. На телевизијата Канал 5 се емитува емисија од областа на кулинарството. Младо момче, готвач по професија, презентира разни рецепти. Заслужува да му го споменеме името на тоа момче – АНТОНИО ЈАНКОВСКИ. Ќе треба да му позавидат сите новинари, уредници, спикери. Момчето е готвач. а милина е човек да го слуша како зборува на прекрасен македонски јазик. Тој зборува директно, онака како што мисли. Не може да има лекториран текст, а зборува почисто од оние на кои им е должност да го знаат македонскиот литературен јазик.

Зборува Антонио! Презентира манџи од убави поубави. А најубавата запршка во сето тоа е неговиот чист и точен македонски јазик!

Браво Антонио!

Благоја Ивчески

Loading