ОБЕЗБЕДЕНИ РЕЧИСИ СИТЕ ПАРИ ЗА ОТКУП НА ТРИ ИЛЈАДИ ТОНИ ТУТУН

Тутунски комбинат

TKP ima pari za tutunariteТутунарите да не се грижат за исплата на откупениот род од годинешната берба, порачува менаџментот на Тутунскиот комбинат (ТКП). Обезбедени се поголем дел од финансиските средства за претстојната откупна сезона на тутунот. Според менаџментот на ТКП останатиот дел ќе се обезбеди во законскиот рок, до почетокот на откупот на родот од годенешната реколта. ТКП веќе го осигура пласманот на поголемиот дел од тутунот од претстојната откупна кампања, што е резултат на потпишаното стратешко партнерство со светскиот гигант Филип Морис.

– Не постои кооперант на ТКП кому не му е навремено исплатен предадениот тутун, ниту пак банка или друг доверител на кого дадените средства не биле сервисирани навреме. Направено е и репрограмирање на средствата, кои пред повеќе од 10 години биле наменски дадени за откуп на тутун и не биле вратени, а сега редовно се сервисираат, заедно со каматите од тој период – велат од бордот на директори на ТКП.  

Оваа откупна сезона ќе биде петта по ред, која во континуитет ТКП успева да откупи повеќе од три милиони килограми суров тутун годишно, што не било случај во минатото.

Тутунските асоцијации веќе се огласија со соопштение дека  ТКП  го имаат за најдобар  и проверен соработник. Последниве години, покрај тешкотиите на компанијата, не ги изневерил очекувањата не само во почитување на роковите за исплата на преземениот род, туку и во коректниот пристап кон проценката на тутунот, во споредба со останатите откупувачи.

– Зад ТКП стои државата. Таа е сопственик на над 80 отсто од капиталот. Тоа е гаранција дека родот ќе се плати, без разлика на поинаквите толкувања на зли јазици дека ТКП нема пари за претстојниот откуп. ТКП имал и потешки моменти, па им излегувал во пресрет на своите кооперанти. Затоа тутунарите немаат простор за неизвесност и страв. Традиционалниот партнер секогаш бил конзистентен во остварувањето на преземените обврски, особено кон тутунарите. Од составите на менаџментите, кои и да се, секогаш сме имале разбирање. Дури некогаш, приоритет биле тутунарите за сметка на вработените. Убедени сме дека и годинава ќе се потврдат квалитетните односи меѓу ТКП и кооперантите кои се негуваат и имаат високо ниво со години.  Знаеме дека ТКП ќе пласира околу две третини од годинашниот род на тутунот на Филип Морис, што е дел од договорот за стратегиско партнерство. Затоа не би требало да има проблем во обезбедувањето на средства за исплата на родот – пишуваат од асоцијацијата на тутунарите.

Инаку, во прилепско, долненско, крушевско кривогаштанско и демирхисарско ќе се откупат околу 15 илјади тони тутун. Квалитетот е понизок во споредба со лани, поради врнежливото лето. Сепак, ако потфрли квалитетот, квантитетот е пораснат и околу 15 илјади семејства на тутунари ќе можат да очекуваат избалансирани приходи. Стручњаците не си дозволуваат да прават проценки на просечната цена, додека не тргне откупот и не се види каков е родот што ќе се донесе на кантарите. Сепак има некои оптимистички прогнози дека квалитетот не е толку низок колку што се очекуваше, туку ќе биде на задоволително ниво.                                                                           

Loading