ТУТУНАРИТЕ ТВРДОКОРНИ КОН ТРАДИЦИЈАТА

По регионалната средба во Пловдив за иднината на ориенталниот тутун

– Со пет века континуитет, тутунот нема да исчезне од полињата

Se sadel vek i vekov i tutunot ke ostane na nivite  - Danco MileskiПрвиот човек на тутунската асоцијација од регионов, Данчо Милески е дециден за одржување на традицијата да се сади ориентален тутун, наспроти најавите на Светската здравствена организација (СЗО) за негово намалување. Меѓународната асоцијација на производители на тутун (ITGA) на 4 септември во Пловдив одржа форум за иднината на ориенталниот тутун. Учествуваа делегати од Бугарија, Србија, Грција, Турција, Оман и Киргистан, како и  македонски претставници кои ги дадоа своите коментари за нацрт-предлозите на СЗО објавени на 26 август, во кои се повикуваат владите да прекинат со субвенционирање на тутунот, мерка која ќе има негативно влијание врз тутунопроизводството во светот, и врз производителите, кои егзистенцијата ја остваруваат од тутунот. Таму беше и претседателот на Сојузот на тутунските здруженија, Данчо Милески кој смета дека единствено тутунот успева на почвата во регионот.  

– Учествувавме повеќе земји од Балканот во кои се произведува ориентален, ароматичен тип тутун. СЗО сака да го намали или да не речам, да го укине тутунот. Секоја земја ги изнесе ставовите. Кажав дека нашиот тутун опстојува од 1574 г. или 540 години и околу 36 000 фармери или 250 000 жители егзистираат исклучиво од културата. Пораката која влезе во Декларацијата испратена до ООН, ЕУ, СЗО и сите влади преставници е следна: “Не го одземајте последното што го имаме во раката. Без него не можеме да опстоиме. Ќе се јави сиромаштија, беда, глад, смртност, а вие ќе ја зголемите и ќе бидете виновни, а поколенијата ќе се удават”. Нашата држава е ридно подрачје погодно за тутун, што може да опстои. Алтернатива нема и затоа и понатаму ќе го одгледуваме тутунот – вели Милески.

Се надева дека ако Македонија влезе во ЕУ, тогаш може малку да се редуцира производството на ароматичен тутун, поради притисоците на владите кои би го сметале како наркотично средство.

– Македонија ќе го одгледува тутунот, а тутунопроизводството се крева благодарение на субвенциите од Владата од евро за килограм. Тоа го поздрави ITGA групата, држави кои го субвенционираат тутунот и кои стојат зад тутунарите цврсто и се спротивставуваат на СЗО. Претставниците на СЗО не знаат што е тутунската мака на фармерите. Од 120 земји непроизводители на тутун, членови на СЗО, на Конференцијата во Бразил се солидаризирале со фармерите производители на тутун и тој состанок на СЗО не успеал. Се надевам на позитивен исход и на Конференцијата на СЗО во Москва на 15 октомври – дециден е Милески.

И дибот на кантар

Милески аргументирано ги отфрла гласините дека дибот, кажано по прилепски, нема да се откупува.

– Во договорите имаме четврта класа. А по правилникот за проценка на квантитативна и квалитативна класа дибот е водечка во четврта класа. Не е точно дека нема да има субвенции в година. Со Националната стратегија до 2014 година ќе ги добиваме овие субвенции – вели Милески.

Loading