ПРАЗ – ПРАЗИЈАДА, СМОКВИ – СМОКВИЈАДА ?

ivce1Се одбележуваат, се празнуваат разни датуми, настани, имиња. Многу организации или институции имаат свои ден, свој празник. Во последно време се појавија многу нови одбележувања, прославувања на многу земјоделски производи. По тој повод го имаме Тиквешкиот гроздобер, Ресенскиот јаболкобер. Ги посматраме овие празнувања од јазичен агол. Дали сите тие се во духот на македонскиот јазик? ГРОЗДОБЕР и ЈАБОЛКОБЕР си се во ред. Се одбележува, се прославува денот на берењето на овие плодови. ЈАБОЛКОБЕР како збор (именка) формирана со непосредно сраснување е изведена како што треба, но многу (речиси на сите телевизии) го изговоруваат со погрешен акцент – на последниот слог, а треба на третиот одназад.

Со овие сложени именки – ГРОЗДОБЕР, ЈАБОЛКОБЕР, па и ГРОЗЈЕБРАЊЕ нема проблем. Но во последно време, мошне често, по повод некој производ се измислија многу празници. Имаме ПАСТРМАЈЛИЈАДА  (во чест на питата пастрмајлија), имаме СМОКВИЈАДА (во чест на смоквите). Постои дури и ПРАЗИЈАДА. Во некои места во источна Македонија се произведувал квалитетен праз. Таму решиле да определат некој ден кога ќе се обележува произведувањето на празот и тој ден го нарекле ПРАЗИЈАДА. Некаде се одбележува ден наречен ПИВТИЈАДА, а не сме сигурни но како да сме чуле и ТОРТИЈАДА.

Дали се овие именки во духот на македонскиот јазик? Тоа се именки изведени од именки. За таквата појава во Граматиката на Блаже Конески постои посебно поглавје. Новите именки се добиени од именка плус некаква наставка (суфикс) – БРАДАВИЦА од брада и наставката ВИЦА, ДОЛИНА од дол и наставката ИНА. Постојат многу наставки за изведување именки од именки. Но, наставките АДА, ЈАДА (празијада) не постојат во граматиката. И не треба да постојат. Ваквите именки не се својствени за нашиот јазик. Но, ете, сега тие се шират како епидемија. Имаат некакво недефинирано потекло. Има такви именки кои не се наши, но влегле во нашиот јазик како и во многу други јазици. Се зацврстиле како таканаречени интернационални зборови. Таков е случајот со именката ОЛИМПИЈАДА. Именка ОЛИМП плус наставка ИЈАДА. Но таа наставка не е продуктивна во нашиот јазик, а го нарушува и акцентскиот систем. Сите тие новоизградени именки луѓето ги изговоруваат со акцент на вториот слог одназад. А кога би се ставил акцентот каде што треба (на третиот слог одназад) тоа ќе делува пренасилено и со напрегање. Накусо, таквите именки не се во духот на нашиот јазик. Јасна е потребата од тоа изразот да биде пократок, од еден збор (празијада), но тоа не е неопходно. Зошто да не биде – ДЕН НА ПРАЗОТ?  ДЕН НА СМОКВИТЕ? Како што имаме ДЕН НА ТРУДОТ, ДЕН НА ТЕАТАРОТ, ДЕН НА ПРОСВЕТНИТЕ РАБОТНИЦИ и многу такви. Имаме ДЕН НА ЖЕНИТЕ. И тоа си е во ред. А дали би се дрзнал некој да го нарече тој ден ЖЕНИЈАДА, или Денот на просветните работници да го нарече ПРОСВЕТИЈАДА? Не оди тоа, но ете кај нас може секако. Кумовите што ги измислуваат овие термини, никого не прашале, никого не консултирале. Кому како ќе му текне такво име ќе измисли, а нашата институционална грижа е мала и така се нарушуваат нашите јазични норми. Така е и со многу фабрики. Некоја била ЧОРАПАРА, некоја ПЕЧУРКАРА и така до бескрај. Именувањата на празниците можат да се формираат на различни начини. Може тоа да биде образувано од придавка и именка – ПЕТРОВДЕН, МИТРОВДЕН, СПАСОВДЕН. Имаме образување на именки од именка плус наставката – ЛЕТО – ЛЕТНИК, ЦВЕТ – ЦВЕТНИЦИ. Значи различни се патиштата и можностите за именување на денови со кои треба да се одбележи нешто. Може и ПРАЗОВДЕН, СМОКВО(в)ДЕН, СМОКВИЦИ и слично. Но, мора да се води сметка, зборот да не биде изнасилен, да може и увото да го прими без проблеми.

Според нашето мислење најдобро е да се практикуваат – ДЕНОТ НА ПРАЗОТ, ДЕНОТ НА СМОКВИТЕ, ДЕНОТ НА ПРОСВЕТНИТЕ РАБОТНИЦИ и така натаму. Можеби во иднина ќе измислиме и КОМПИРИЈАДА и КРОМИДИЈАДА и ЛУБЕНИЦОЈАДА, но сето тоа не оди во нашиот јазик.

Благоја Ивчески

Loading