СЕКОЈ ДЕН МИ Е ПРЕДИЗВИК

Sekojdeneven predizvik mi e scenata - Vladimir GorgijoskiВладимир Ѓорѓијоски, добитник на награда за рекламен материјал на МТФ “Војдан Чернодрински”

Актерот Владимир Ѓорѓијоски на штотуку завршениот 49 МТФ “Војдан Чернодрински” ја доби наградата за рекламниот материјал од претставата “Швејк во втората светска војна” во режија на Мартин Кочовски. Тоа е повод за разговор со него.

Какви емоции предизвикува наградата?

Наградата ништо не значи, сама за себе. Она што треба да ни значи како уметници е препознавањето на трудот, и колку длабоко нашиот артизам оставил впечатоци. Затоа, ме боли што овој наш МТФ, од година во година ни нуди послаба конкуренција. Порано, барем јас така чувствувам, имаше глад од сите театарски куќи да се прикажат во најдобра светлина, а сега, публиката гледа претстави со различен квалитет, и така се обезвреднуваат и оние кои заслужиле да бидат наградени. Во овој случај, наградите се непотребни, зашто сé се става во ист кош, и се мери без аршин. ШВЕЈК би рекол: “Само многу ми е криво што Светот не се радува, и сите си молчат како да не се однесува за нив”

Како изгледа актер што игра во претстава да креира рекламен материјал и да биде драматург?

Плакатот е изработен врз основа на други два плакати, познати во историјата. Уште во раната фаза на подготовките, одлучивме со режисерот Мартин Кочовски дека таа приказна што ја носи плакатот, совршено коинцидира со филозофијата на Швејк. Се надевам дека жирито, заради целата таа приказна на “ПЛАКАТНА АФЕРА” од 1987 година, одлучи да го вреднува овој наш рекламен материјал. Бидејќи плакатот е драматуршки поврзан со претставата, значи препознавање и вреднување на мојот труд и за драматургијата.

Очигледно дека добро оди тандемот Владимир – Кочовски?

Лично, ми годи тоа што не прикажувате како тандем, но искрено верувам дека Кочовски и самостојно може да се претстави во најдобро издание. Се радувам на сите наши средби и уживам кога имам пригода да соработуваме заедно. За жал, тоа не може да биде толку често, колку што би сакале, или поедноставно речено од устата на Швејк “Војната не е розова. Дури и за расните пци.”

Следниот предизвик? 

Како што би рекол Швејк “Не барајте премногу од себе. Денес е многу и тоа што уште сме живи”. Секој ден за мене е предизвик, и приватно и на сцена. Уживам во денот од она што ми го нуди, зашто за поголеми планови, секогаш зависи и од нечии други одлуки.

Loading