СОЛЗИ И СРАМ ЗА ПОБЕДА

Фудбал: Прво регуларно отпаѓање по 26 години

Неуспехот го коментираат и најнеупатените, доказ колку клубот значи за Прилеп

Moment od mecot Pobeda - Mladost vo OhridКога најголемите песимисти не веруваа, Победа отпадна од Втората лига. По поразот со 1-3 и победата од 2-1 против Младост Царев Двор (Ресен), тимот наесен мора во Трета лига. Секое чудо за три дена е кога други клубови отпаѓале, но за Прилеп е голем потрес. Ретко се случувало Победа да биде толку посрамена, тим, единствен кој никогаш не отпадна од Првата лига. Од елитното друштво како осмопласирана беше исфрлена на три кола пред крајот од првенството 2009/10 со казните од УЕФА. Сите барем по еднаш отпаѓаа, Вардар (спасен по фузија со Миравци), Силекс, Пелистер и другите, само Победа – не.

Отпаѓањето по регуларен пат се случува по долги 26 години. Во сезоната 1987/88 имаше промена на системот во Југославија и во скратувањето “жртва” беше Победа. Недостигаше само бод. Ако отпаѓањето тогаш се сфаќаше како спортска трагедија и многу навивачки лица беа насолзени, сега преселбата во третолигашко друштво се доживува како срам. Катастрофа и за македонскиот фудбал. Најфудбалскиот град го нема на фудбалската мапа. Тоа е последица и на “касапењето” на Втората лига, каде од 16 тима, два станаа прволигаши, останаа само пет, а отпаднаа дури девет. “Сечата” го зафати двократниот шампион и еднаш победник на Купот, Победа.

Најтешки денови. И упатени и неупатени ја спомнуваат Победа во негативна конотација. Еден табор вперува прст кон другиот и обратно. Поделбата донесува штета. Таков е фудбалот, неуспесите не се кријат. Натпреварувач во мал спорт да губи со 100-0 никој не се вознемирува, а Победа е нешто посебно, По отпаѓањето 1988 г. левото крило Миле Конески има изјавено “Овде се признаваат само победи, а при пораз не важи оправдување за слаба форма, лош ден или подобар противник”. Неблагодарно е да се бараат виновници. Едни финансирале, други организирале, трети стручно работеле, четврти се потеле на терен. Голманот Христијан Сркески вели “Господ ми е сведок, колку ја посакував победата, да ја оствариме целта. Дадовме се од себе”.

ИТЕН СОСТАНОК

Вчеравечер имало состанок на високо, градско ниво со сите инволвирани во Победа. Градот сигурно ќе преземе мерки. Извесни се промените, но за детали ќе се почека. Навивачите очекуваат дали е можна комбинација за опстанок со скопски Еуромилк. Ако не, како понатаму, оти по новиот систем не е лесно второлигашкото враќање на Победа.  

Loading