СТИХОВИ ДЛАБОКО ПРОНИКНАТИ ОД ДУШАТА

Промовирани првите стихозбирки од Мирјанка Р. Селчанец

Stihozbirkite na Selcanec pretstaveni vo Zdruzenieto na penzioneriАвторот Мирјанка Ристеска – Селчанец деновиве ги претстави првите свои стихозбирки “Венец од мирта” и “Еден бакнеж”, во кои пишува стихови длабоко проникнати од душата. Таа потенцира дека иако е автор на повеќе романи, дуо драми, монодрами, ова í се први поетски изблици ставени меѓу корици.

– Пишувам поезија непрекинато од осум години. Како што ги откривав тајните на убавото пишување, сфаќав дека поезијата е најтешкиот литературен род. Затоа бев самокритична и не издадов било каква поетска творба. Во 2003 година имаше конкурс “100 години од Илинденското востание”. Седнав да пишувам песна и ја создадов поемата “На чардакот”, и ја испратив. Добив прва награда. Тоа ми беше поттик да пишувам поезија, но квалитетна. Минаа години, излегуваа моите романи, драми, монодрами. Пред три години се случи трагичен настан што длабоко ме откорна од корен. Мојот школски другар со кој бевме неразделни од првите школски денови почина во сообраќајна несреќа. Тоа ме изваде од колосек, седнав и пишував цел ден и ноќ. Излезе сонетниот венец со наслов “Љубовта не умира”, кој е дел од новата збирка “Венец од мирта” Причината ќе ја разбере секој со читањето. Застапени се и три други поеми, меѓу кои и “На чардакот” и 11 песни по случаен избор. Втората збирка “Еден бакнеж” од шест поглавја, е посветена на мојот животен сопатник Ице – раскажува Селчанец, која е автор на пет романи, неколку монодрами, драми. 

Шестиот роман “Лет кон божилакот” е излезен од печат и многу скоро ќе биде претставен пред јавноста. 

Loading