МЕТЕЖ НА ВРВОТ

Пинг – понг

Голема мешаница во пинг-понгарската Супер лига за сениори. По 12. коло дури четири тима се со исти бодови (14) и со шанси за титулата. Прв е Работнички, втор Младост со меч повеќе, трет Влае Безбедност, четврти Телеком. Во вториот дел од табелата заостануваат Шампиони ФА со осум, штипски Гоце Делчев со четири, Струга со два, а последниот тим на кумановски Силни дечки е исклучен.

Младост е со шанси до последното коло, иако има меч повеќе. Составот Јованоски – Јочкоски – Тошески во саботата неочекувано киксираше дома со 3-5 од Шампиони ФА. Преостанува уште дербито во Скопје со Работнички. Ако прилепчаните победат на гости, треба Работнички да го совлада Влае Безбедност, а Телеком да киксира на еден меч со Г. Делчев или Струга, за на крај сите да имаат по 16 бода и да одлучува поен – разликата.

Претходно, во Скопје е меѓународниот ветерански турнир, каде се очекува настап на повеќе ветерани од Прилеп.

Loading