БЕЗ ТРЕНЕР ДОБРО СЕ ДРЖАТ

Ракомет: Оптимистички изданија на Жито Прилеп

– На клупата се од управата Димоски и Велкоски

Moment od mecot Zito Prilep - ZRK VardarПокрај сите неизвесности, има ведрина во пролетните изданија на женскиот ракометен суперлигаш Жито Прилеп. Најважно е што екипата настапува и без тренер, по заминувањето на Пеце Велјаноски. Тренинзите се во салата “Р. Р. Ричко”, во термини кај вториот градски клуб, прволигашот Таста 107, за каква – таква подготовка за натпреварите.

На мечевите на клупата се секретарот Петар Димоски и потпретседателот Војо Велкоски. Изненадување, но мораше некој. Одамна се во спортот и можат да дадат некој корисен совет, а при тоа оставаат ракометарките меѓу себе да се договараат пред и за време на играта, при тајмаутите. Така ќе биде до крајот на сезоната, додека се најде решение. Под нивно водство одиграни се четири меча. Прво, во Купот Жито Прилеп со 29-20 го совлада токму Таста 107, а за влез во полуфиналето недостасуваше среќата. Во Скопје со младинскиот Металург резултатот беше нерешен 34-34, по изведување пенали триумфираа домашните. Играч на мечот е Шалевска со 16 гола. Потоа е доживеан првенствен пораз со истиот противник, а со чуден резултат 45-34, вкупно 79 постигнати голови. Возбудлив беше и мечот дома со вториот тим на Вардар, завршен со 27-33 за гостинките. На последниот натпревар, во вторникот кај Металург, прилепчанките добро се држеа, но немаа сили и епилогот е пораз 40-25.

Dimoski i Velkoski na tajm - autВ сабота (13 ч.) е дерби на дното, Жито Прилеп дома игра со штипска Кожувчанка. Мечот е тест на силите, дали ослабениот состав може барем со последниот на табелата. Со победа се наѕира опстанокот. Останатите пет кола треба да се издржат. Потоа има најави клубот организациски да застане на поцврсто тло, со спонзор. Тоа подразбира можност за квалитетни засилувања и за ангажирање на нов тренер.

Пелистер – РК Прилеп

Машкиот РК Прилеп по двојниот успех во Скопје 29-44 над Риниа и 22-24 во дербито над Работнички, викендов за куп гостува на суперлигашот Пелистер. Пелагониска пресметка е, шанси постојат. Најбитно да се прикаже добра игра со отпор. Дуелот е и тренерски Игор Николовски – Орде Илиески. Во женската Прва лига, Таста 107 по победата 21-23 кај Борец викендов е  дома со Кичево. 

Loading