ЛАЗАРКИТЕ СЕ ДУХОВНО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО

Lazarkite  duhovno kulturno nasledstvo na MakedonijaОбичајот Лазарки, најзастапен во Радожда, Враништа, Вевчани и во Луково, ќе се валоризира како духовно културно наследство со проектот на Институтот за старословенска култура, раководен од етнологот д-р Ели Луческа. На теренските истражувања беа комплетно евидентирани со фотографии и видео документи, со интервјуа и набљудувања на сите обреди, кои се дел од празнувањето на Лазарицата.

– Долга традиција која опстојува до денес  има празнувањето на лазарскиот обреден комплекс, особено во селата во Дримкол. Се пренесува од генерација на генерација. Во Луково, празнувањето почнува во петокот пред Лазарева сабота, т.н. машка Лазара кога машки обредни поворки шетаат по куќите и собираат јајца, честитајќи им го празникот на домаќините.  Во секое село тој ден се собираат Лазарките – групи од девојчиња до 15 години, плетат венчиња од бршлен, кои на Лазара ги ставаат на рака, и истовремено ги пеат лазарските обредни песни. На Лазарева Сабота, променети во комплетна празнична носија (поголемите во невестинска, а помалите во моминска), се упатуваат во црква да ја пејат ,,невестулката,, со венчето на главата застанати пред олтарот. После заедно ги обиколуваат куќите, пеејќи лазарски обредни песни за секој член од семејството, а домаќините ги даруваат со грав, овошје и пари. Од венчето се кине по едно ливче за здравје и најчесто со него се протриваат рацете или се става на кошарите од пчелите. По посетата на последната куќа, се собираат во црквата, првата лазарка го остава венчето на владичкиот трон и им ги дели собраните пари на сите лазарки еднакво. И во другите села обредите се слични – раскажува д-р Луческа.

Валоризацијата и ставањето под заштита на обичајот како културно добро е од извонредно големо значење не само за локалната заедница, туку и во национални рамки, оти се зачувува традицијата на лазарувањето кое веќе е во поодмината фаза на одумирање во другите краишта во Македонија.

– Културното добро би дало голем придонес во научни, едукативни, туристички, религиски, кинематографски цели – додава Луческа, потенцирајќи дека соработници и се Анита Ѓоргоска Талевска, етнолог и Горан Василески, студент по етнокореологија.

Loading