ДИЈАЛОГ

ivce1“Констатирам дека општата расправа по ПРЕДЛОГОТ НА ЗАКОНОТ е завршена”. Вака ја изговори (ја прочита) оваа реченица претседателот на Парламентот. А што треба ние да разбереме од ова? Најверојатно тоа дека некојси закон имал свој предлог и дека расправата за тој предлог е завршена. А дали е така? Не е! Станува збор за ПРЕДЛОГ – ЗАКОН, за него се расправало. За ПРЕДЛОГ – ЗАКОНОТ (се членува само последната именка). Исто како што може да има ПРЕДЛОГ – ПРОГРАМА, НАЦРТ – ЗАКОН, ПРЕДЛОГ – ОДЛУКА и така натаму. Значи, завршила расправата за ПРЕДЛОГ – ЗАКОНОТ.

Предлозите или заклучоците што ги чита, што ги предлага претседателот се претходно напишани и (претпоставуваме) лекторирани.

Се јавуваме кај лекторката во Собранието.

– Повелете! – се јавува женски глас.

– Извинете, ја следиме седницата во Парламентот и забележуваме доста грешки… – одеднаш слушаме доста остра реакција.

-А, знам! Вие се јавувате од Прилеп.

Госпоѓата не препозна не по тоа што се јавуваме многу често, туку по тоа што само ние се јавуваме. Никој друг не се јавува. Никого тоа не го интересира.

– Господине, неможам јас да им се мешам и да им кажувам на пратениците како да зборуваат.

– Точно е госпоѓо. Знаеме дека тоа не е возможно. Ама оној текст што го чита претседателот е претходно напишан. Веруваме дека некој го лекторирал, а слушаме грешки.

– Е, за тоа ќе си се обратите на друго место!

– А кое е тоа друго место, госпоѓо? – прашуваме, речиси, со молбен глас.

– Ќе си се обратите во Владата. Законите доаѓаат оттаму. Јас овде неможам во ништо да ви помогнам.

– Ама, госпоѓо, не бараме никаква помош! Нам не ни е потребна помош. Сакаме да помогнете таму, во Собранието. А знаеме дека на некои од нашите избраници, во поглед на јазикот, и Господ не може да им помогне. Ама барем оној текст што е претходно напишан да биде коригиран. Многупати слушаме како некои пратеници или министри цитираат делови од одредени закони, и слушаме доста грешки. А знаеме дека ПРЕДЛОГ – ЗАКОНИТЕ се лекторирани.

– Господине, ви реков дека за тоа треба да се обратите во Владата. Законите доаѓаат оттаму и ги лекторираат тамошните лектори.

– А дали би можеле да ни дадете некој телефонски број од вашите колеги во Владата?

– Не знам, тоа не знам, – одговара лекторката, веќе со видно нетрпение.

– Извинете госпоѓо, само уште едно прашање. Каква е вашата функција, што лекторирате вие?

– Ние ги лекторираме законите, откако ќе бидат донесени. Штом ќе се изгласаат во Собранието тие се објавуваат во Службен весник. Е, пред да бидат отпечатени таму, ние ги лекторираме. Земете Службен весник, прочитајте, па ако најдете таму некаква грешка, тогаш може да критикувате.

– Госпоѓо, ние немавме желба и намера ни да критикуваме ни да навредуваме некого. Сакаме да има помалку грешки. Затоа се јавуваме, ако може нешто да се поправи. Сигурно се согласувате дека се прават доста грешки во нашиов јазик. Во сите области и на многу места, не само во Собранието.

На крајот, остриот тон на госпоѓата лектор како малку да омекна. Најде сили, дури и да ни се заблагодари за јавувањето. Ја сфаќаме. Можеби навистина била презафатена со многу работа. Можно е тоа.

А што ни останува нам? Ништо, освен да си донесеме еден парадоксален заклучок. Значи, говорот, јазикот во Собранието што го слуша цела Македонија, врие од грешки. А Службениот весник што ќе можат да го читаат сосема мал број луѓе и ќе стои некаде по архивите, ќе биде лекториран и ќе нема грешки!

Така нека биде.

Благоја Ивчески

Loading