СЛАВА НА ДЕТСТВОТО

Моника Мотеска, автор на вечерашната изложба “Документ дете”

Srecna sum sto proektot sto ce go vidat moite sogragani - Monika Moteska“Документ дете” е тематската изложба од 15 фотографии од сограѓанката Моника Мотеска, која ќе биде отворена вечерва од 19.30 часот во галеријата на  ЦК “Марко Цепенков”. Изложбата е дел од документарниот проект “Поинаков поглед”. Мотеска вели дека за предлошка за изложбата ја зела фотографијата на нашиот фотограф Благоја Жежоски, снимена 1929 година во градот.

– На фотографијата е овековечен внукот на Благоја, Борис Жежоски. Уште при првата, би ја нарекла  моја средба или допир со стаклената плоча, кај мене се појави восхит од едноставноста на композицијата и од надреалноста на приказната. Фотографијата е тројна експозиција на дете, кое во средината на фотографијата држи круша во раката, од левата страна во раката има виљушка и сака да ја забоди крушата, а пак од десно ја подава раката да ја земе овошката. Целата оваа глетка е многу необична, можеби малку и наивна и делува како секвенца од филм на Буњуел. Фасцинацијата ме наведе да размислувам како визуелно да ја цитирам и резултат од тоа е оваа изложба – објаснува Мотеска.

Проектот е реализиран во соработка со децата од тогашното 3 – а одделение при ОУ “Димитар Миладинов” од Скопје (2011).

–  Сега децата се пораснати и влегуваат во една друга фаза на развој на телото и духот, почнуваат полека да излегуваат од светот на наивноста, чистотата, девственоста и пополека да влегуваат во еден друг свет каде од нив се бараат повеќе одговорности. Целото одделение беше замолено да ја донесе својата омилена играчка и сите деца беа фотографирани во истата тројна експозиција како кај фотографијата на детето од Жежоски. Децата со голема радост и ентузијазам го прифатија проектот и со голема љубов и посветеност позираа пред камерата, застанувајќи на трите места коишто им ги обележав во нивната училница, која се претвори во фотографско студио и една виртуелна сцена на која јас забележав еден мал, но многу важен дел од сите нас, а тоа е нашето детство. Целата изложба претставува портрет на едно детство, кое што во неговата суштина и значење со ништо не се разликува од детството на детето од фотографијата на Жежоски. Со неа го славам детството, радоста, желбата за живот и чистата девственост. Благодарна сум многу на децата и бескрајно ги сакам и обожавам со сите нивни детски наивни лудории, бескрајни игри. Изложбата му ја посветив на мојот син Лука, кој е дел од оваа дружина. Освен во Скопје, една фотографија беше претставена на изложба по повод 20 години од австриската програма за резиденција Kultrur Kontakt, за потоа да  побараат од мене да ја објават во списание за култура, што за мене беше голема чест, односно од автори кои за тие години престојувале во Виена да објават токму мое дело – потенцира Моника.

Среќна е што фотографиите ќе ги видат сограѓаните.

– Многу е убаво и е голема одговорноста кога се претставуваш во родниот град. Не случајно ја избрав оваа поставка за во Прилеп. Првично, затоа што како предлошка, ја земав фотографијата на Жежоски, детето, тогаш малиот Борис, кој  подоцна исто така станува фотограф – аматер во Прилеп, и, на крај, најважно од сé, моето детство е нераздвоен дел од овој град и луѓето кои живеат овде кои некогаш биле деца како и јас – потенцира уметницата.

Моника Мотеска, која реализирала повеќе самостојни изложби во Скопје, Охрид, Будимпешта, Њујорк, Белград, како и групни во земјата и странство, вели дека секогаш создаваа неколку проекти во циклуси.

– Пред десетина дена во Мала станица во Скопје заедно со Роберт Јанкулоски ја реализиравме фото-видео инсталацијата “Преживеани спомени”, која е дел од проектот “Фотографијата, сведок или жртва”. Фотографирани и интрвјуирани беа луѓе кои го преживеаја земјотресот и ја споделија со нас нивната потресна сторија, ние никогаш да не заборавиме на ужасот од катастарофите и страдањата на луѓето. Овој месец треба да го завршам и последниот циклус од проектот “Natura morta”, кој исто така има длабока поврзаност со овој град и се надевам дека во најскоро време ќе го види прилепската публика, која, според мене, е една од наједуцираните кога се работи посебно за визуелната уметност – додава Мотеска.

Loading