ТАСТА 107 ПРОТИВ ЖИТО ПРИЛЕП

Ракомет

Ждрепката во Купот одреди двете женски екипи од градов, Таста 107 и Жито Прилеп, да бидат ривали во првата четвртфинална група. Ако се одигра, ќе биде прилепски дуел точно по 20 години, кога имаше првенствена пресметка меѓу Тутунски и Металотехника. Победникот оди на мегдан со подобриот од мечот Пелистер – Металург јуниор. Сепак, шансите се минимални, затоа што ЖРК Жито Прилеп не функционира. И РФМ побара образложение зошто не отпатува во Штип кај Кожувчанка. Нема навестувања за средување на состојбата. На суперлигашката табела падна на претпоследно место, а според распоредот по 10 дена дома игра со гигантот Вардар СЦБТ.

Прволигашот Таста 107 даде силен отпор во Битола на третопласираниот Пелистер. Домаќинот победи со 25-23, благодарение на водството во првото полувреме. Во второто гостинките наметнаа своја игра, со поцврста одбрана и го ублажија поразот. Викендов Таста 107 првпат пролетва е домаќин, на шестиот Универс од Гостивар. Викендов, машкиот прволигаш РК Прилеп игра дерби кај Работнички во Скопје. Се среќава прво со второпласираниот. Есеноска беше 20-19 за РК Прилеп. Екипата на Орде Илиески е во пролетна берба на бодови, по службената победа во Битола и дома 34-16 над гостиварска Јехона.

Loading