ТРАЈНИ ПЕСНИ ЗА ГРАДОТ

Роза Ристеска, автор на “77 за Прилеп”

Roza Risteska objavi  razglednica za Prilep“Гушни го минатото со спомените во иднината, не повторувајќи ги  грешките… Нека разберат кој е Прилеп, Македонија, како се работи сложно и со визија, како се сака – љуби татковината – еден е живот, еден е Прилеп, тоа е вистината…”.

Ова се дел од грстот стихови што поетот Роза Ристеска ги објави во нејзината книга “77 за Прилеп”, проследена со илустрации од фотографии.

Идејата била да остави трајно творештво за граѓаните, за секој добронамерник кој ќе дојде да прочита.

– Аспирација ми е промоцијата на градот. За кусо време ги напишав стиховите, а потоа се илустрираа со фотографии. Се гордеам што сум прво прилепчанка, потоа Македонка, што создадов вакво дело. На градот му дарувам минато, историја, да прочита секој. И сегашноста ја опишав со гордост. Се надевам дека ги допрев чувствата. Ништо не измислив, само е добро подредено, собрано во стихови. Творбата дојде  во време кога градот слави 1000 години. Некако бројот 77 постојано беше со мене и затоа ја насловив така книшката – вели Ристеска, потенцирајќи дека ја пишувала со многу  емоции и изблик на чувства.

Според писателот Тони Павлески, Ристеска создала лирски минијатури со разгледници, кои се поврзани со поднебјето на градот.

– Стихот е слободен, без наметнување на ритам и рима. Се пее за несебичната љубов кон градот, преку спомен на старото и наметнување на новото. Збирката е водич низ сите градски обележја, не заборавајќи го таткото на градот – кој го воспева како личност кој е присутен во сите, на тој начин променувајќи го неговиот лик – вели Павлески.

Loading