ПОЛИТИЧАРИТЕ НЕМААТ МАНА

Програма на Собранискиот канал. Седница на Комисијата за надворешна политика. Се расправа за новите амбасадори во Ватикан и во Хрватска. Амбасадорите ја образложуваат својата програма. Ги потенцираат проблемите, кои ќе им бидат приоритетни. Членовите на Комисијата од позицијата одобруваат. Оние од опозицијата критикуваат. Може да се рече дека тоа е вообичаена практика, но ние не навлегуваме во таа проблематика. Излагањата на амбасадорите ги посматраме од друг, поинаков агол. Внимателно го следиме нивниот јазик, нивните јазични грешки. Според нашето мислење (претпоставуваме дека не само според нашето) амбасадорите се луѓе, кои треба беспрекорно да го познаваат македонскиот јазик. Тие ќе ја претставуваат нашава земја. Во разговорот беа споменати и јазикот и идентитетот. Но, јазикот не се брани со декларирање, туку со неговата правилна примена. Идентитетот се препознава главно преку јазикот а не според костумот, според фризурата или според некој друг надворешен белег.

Кандидатот за амбасадор во Ватикан (висок интелектуалец) зборуваше доста опширно. Личната заменка ЈАС, ниту еднаш не ја употреби како што треба. Постојано вели – ЈА. А за Ватикан, за Светата престолнина безброј пати употребува Светата столица. Во своите излагања и другите пратеници велат – СВЕТАТА СТОЛИЦА. За ваквата грешка и порано сме се искажувале. Сега само сакаме да ја потврдиме разочараноста што вакви луѓе не разбрале дека во македонскиот јазик таа именка гласи ПРЕСТОЛНИНА, а не СТОЛИЦА. Главниот град или главниот центар на некоја активност се викаат ПРЕСТОЛНИНА, па дури и СТОЛНИНА, но не и СТОЛИЦА. Столот на кој седи Папата е СВЕТИОТ ПРЕСТОЛ а не СВЕТАТА СТОЛИЦА.       

Да завршиме со Ватикан. Во Загреб нашата земја ќе ја претставува госпоѓа. И таа, како нејзиниот колега зборуваше доста опширно. Нејзините јазични грешки не беа малку, а ако се повторуваат повеќепати, тогаш навистина се многу. Да наброиме дел од нив. Во почетокот, госпоѓата вели – ДАМИ И ГОСПОДО. Се разбира дека треба ГОСПОДА, а не ГОСПОДО. Многупати таа вели дека ќе работи СОГЛАСНО ЗАКОНОТ и СОГЛАСНО УСТАВОТ. Грешка што ја слушаме често, а која не треба да ја прави амбасадор. Зборот СОГЛАСНО е придавка, како што е УДРЕНО, СКРШЕНО, ТРИЕНО и така натаму. Точниот израз треба да гласи СОГЛАСНО СО ЗАКОНИТЕ. Предлогот СО не смее да се испушта. Инаку, се губи смислата. Да речеме дека некој татко го удрил своето дете со рака, ќе речеме дека детето е УДРЕНО СО РАКА, а не детето е УДРЕНО РАКА. Идентичен е случајот – СОГЛАСНО ЗАКОНИТЕ. Значи – СОГЛАСНО СО ЗАКОНИТЕ. Така треба. Госпоѓата вели дека ќе ПОКРЕНУВА иницијатива. Глаголот ПОКРЕНУВА произлегува од српскиот глагол КРЕТАТИ (покретати) и на крајот му е прилепена македонската наставка – УВА. Таа може да ПОВЕДЕ, да ПОДИГНЕ, да ДВИГНЕ иницијатива, но не да ПОКРЕНЕ. Именката ДОПРИНОС беше често употребувана. Треба – ПРИДОНЕС. Исто така честа беше употребата на глаголите ПРЕВЗЕМА и ОТВАРА. Треба ПРЕЗЕМА и ОТВОРА. На крајот госпоѓата се обрати – БЛАГОДАРАМ НА ВНИМАНИЕТО. Се заблагодарува ЗА ВНИМАНИЕТО, а не НА ВНИМАНИЕТО. Тоа е правилното. Се разбира, не е можно да се набележат сите грешки. А заедничко за двајцата амбасадори беше лошото, или би рекле, повеќе од лошото акцентирање. Тоа не потсети на една статија што неодамна беше објавена во еден наш дневен весник. Познатиот германски славист, проф. Себастијан Кампген, изработил научен труд за акцентот во македонскиот јазик. Тој вели дека Македонија има многу специфичен јазик, посебно поради акцентот. Вели дека тоа е уникатен јазик. Кемпген направил емпириска анализа на македонскиот јазик, посебно во говорот на политичарите. Констатирал дека постои тенденција за поместување на акцентот и дека воопшто, политичарите акцентираат мошне лошо.

Амбасадорите кои ги споменавме понапред, не сакаат да го демантираат германскиот професор. Тие не сакаат и да се делат од јатото. Ако сите политичари акцентираат лошо (што е точно), нема белки тие сега да се делат, да бидат црни овци. Како сите, така и тие. Тоа се вика солидарност.

А Себастијан Кемпген зел да прави анализа за македонскиот јазик. Па уште им нашол мана на нашите политичари. Како да не!!!

Благоја Ивчески

Loading