ЛАЕЊЕ И ЏАВКАЊЕ

Гледале не гледале, телевизорот си е пуштен. Некогаш дури и не го забележуваме тоа. Понекогаш ќе се подзадржиме на некоја емисија. Таков беше и случајов. Во емисијата – врвен актер, но, би рекле, со врвно непознавање на македонскиот литературен јазик. Сме пишувале и другпат за неговите грешки. Сега ни падна в очи една грешка што досега не бевме ја чуле. Сите знаеме за прекрасното, нежно пролетно цвеќенце, кое всушност, ја навестува пролетта. Тоа е кокичето. Прекрасно цвеќе и прекрасно име. Е, за тоа растение, актерот вели дека било ВИСИБАБА. Точно е тоа дека Србите така го викаат ова цветче. Но, каква мана му најде актерот на преубавото име – КОКИЧЕ? Колку е убаво и омилено тоа растение! Колку песнички пеат за него и најмалите дечиња. Качунката и кокичето отсекогаш биле најсаканите цветчиња. Сегашните дечиња знаат помалку за качунката, но кокичето расте и во многу дворови. Сите го познаваат. Во Мариово и во некои други прилепски села кокичето го викаат ПЕТРЕВИ ГАЌИ. Малку чудно име. Необично. Но актерот, ете, го крсти ВИСИБАБА. Баш не му требаше тоа. Сме слушале и други погрешни именувања на некои познати растенија. Многумина глуварчето го викаат МАСЛАЧАК, пчелникот го викаат МАТОЧИНА, зимзелените растенија ги викаат ЧЕТИНАРИ, дабот – ХРАСТ и така натаму и така натаму. Сепак, кокичето буди посебни емоции, ја навестува пролетта, неговите главчиња се пробиваат низ снегот. Зошто да го прекрстуваме? Зошто да го исфрламе чудесното име – КОКИЧЕ?

Рековме дека телевизирот секогаш е пуштен. Пребаруваме со далечинскиот управувач и сосема кратко се задржуваме на една емисија чија тема не успеавме да ја разбереме. Новинарката разговара со еден, за нас, непознат господин. Тој зборува нешто, објаснува дека имал обичај да критикува но дека бил готов и да поднесува критики. Вели дека критиката секогаш треба да биде објективна, базирана на определени факти. Во спротивно тоа би било само ОЛАЈАВАЊЕ. Додека ја запишувавме грешката емисијата веќе заврши и не успеавме да разбереме кој беше човекот и која беше основната тема во разговорот. Како и да е, не ја дознавме темата, но зборот ОЛАЈАВАЊЕ не може да се заборави. Тоа е крупна грешка. Не може тој збор со својот строеж да се вклопи во македонскиот јазик. Нема во нашиот јазик глаголски именки кои завршуваат на АВАЊЕ. Соодветните несвршени глаголи кај нас завршуваат на УВА – УВЕРУВА (не уверава), ИЗВРШУВА (не извршава) и така натаму. Според тоа и глаголските именки ќе гласат -УВЕРУВАЊЕ, ИЗВРШУВАЊЕ. а не УВЕРАВАЊЕ и ИЗВРШАВАЊЕ. Според нашите правила зборот ОЛАЈАВАЊЕ би требало да гласи ОЛАЈУВАЊЕ. Но, во нашиот јазик не постои глагол ОЛАЈУВА, па според тоа и не можело да се формира глаголска именка – ОЛАЈУВАЊЕ. Едноставно, тој збор е за нас туѓ и непотребен. А што би значел тој, односно што значи тој во српскиот јазик? Тоа е лаење, но не онака, опасно, бурно лаење туку просто – ЏАВКАЊЕ. Токму тоа е нашиот збор – ЏАВКАЊЕ. Така, некој против некого велиме дека постојано ЏАВКА, што би се рекло дека постојано неаргументирано го критикува, го озборува, го навредува.

Речиси го имаме заборавено зборот ЛАЧКА. Го употребуваа некогаш старите. Во Речникот е одбележан како архаизам, а значењето му е – СЕ ЗАДЕВА. Но, не онака, наивно, како што би се задевало некое дете, туку со потфрлање на некои остри и непријатни зборчиња.

Си спомнуваме еден човек бил скаран со една подалечна сосетка. Кога поминал пред нејзината порта, таа почнала да префрла некои остри и непријатни зборови. Човекот вели: “Пак ме НАЛАЧКА онаа кучка”. Значи, несвршениот глагол ЛАЧКА и свршениот НАЛАЧКА, не значат само задевање туку нешто како лаење на некоја лоша кучка. Човекот можеше да рече и дека пак ЏАВКАЛА онаа кучка. Тука некаде е значењето на зборот ЛАЧКА (налачка).

Ајде, да прекинеме со пишувањево. Да не должиме многу. Да не му заприлега некому на ЏАВКАЊЕ.

Благоја Ивчески

Loading