Фудбал: Градски дуел во Битола, Победа – 11 Октомври
– Ниеден од претходните мечеви не завршил нерешено
Осмото градско дерби е в сабота (14 ч.) во Битола и навивачите се мобилизираат. Претстои голема борба за опстанок. Нема калкулации, двата тима одат на триумф. За Победа само трите бода вршат работа за искачување над 8. место, а 11 Октомври не се предава и со евентуален успех сака да се искачи над 13. место за фаќање сламка. Со прогнозерски жаргон јавноста очекува “мост 1-2”, а никако “нула” врз основа на актуелните мотиви и традицијата. Ниеден меч од 1978 досега не завршил нерешено.
– Противничката екипа е млада, полетна, борбена. По успехот со Тетекс е во делириум. Обично на вакви дерби мотивот е поголем кај послабопласираниот. Неодамна, на пријателската имаше набој. Претстои тежок меч, но посакувам чиста игра, без повреди – вели Јане Николоски, тренер на Победа.
По три пролетни кола ништо не е појасно во Втората лига. Освен водечките Силекс и Тетекс, сите се плашат од отпаѓање. Победа добро тргна со 0-0 кај Скопје и триумф 3-1 над Локомотива, но следеше пораз 2-0 во Миравци. Од тој меч штета се петтите жолти картони на Мегленски, Ацески и Гешоски, за кои се бараат алтернативи. На другата страна, 11 Октомври со прва постава е од девет младинци, потклекна само 4-0 кај Силекс, а дома двапати ремизираше по 2-2 со фаворитите Маџари и Тетекс. Во составот поради црвен картон не е Спиркоски.
– Оваа златна публика заслужува да види квалитетен фудбал. Изминатите години одлучуваше еден гол, но секој меч е нов почеток. И нашата екипа е нова, со силен елан. Дербито треба да ги задоволи вкусовите. Кој е подобар, нека победи – порачува Владимир Мицески, тренер на 11 Октомври.
Триесетгодишното дерби има рекорди. Најдобар стрелец е Милосовски со четири гола, по два дадоа В. Настески и В. Димоски. Најмногу, четирипати настапиле Глушески, Р. Ѓорѓиоски, Сусулески и В. Димоски. Играле две прволигашки ѕвезди во Победа, Глигороски претходно за Вардар, а Илија Најдоски подоцна за Ц. Звезда.
ПОБЕДА: Сркески – Димитриоски, Ф. Мирчески, Момироски, Јанкулоски – Стомнароски, Крстески, Карчески, И. Мирчески – Чешелковски, Зојчески.
11 ОКТОМВРИ: Гоновски – Бошевски, Паноски, Лазарев, Ристевски – Велевски, Кукески, Дунимаглоски, Иваноски – Шаркоски, Никовиќ.
Победа – 11 Октомври
Дома 3 3 0 0 6-1
Гости 4 3 0 1 10-2
Вкупно 7 6 0 1 16-3