ШАМПИОНИ ОД ПЕТ ДО 17 ГОДИНИ

Гимнастика: Подготовки на КГС Партизан Соколи

Според потстандардните услови на гимнастичарите од КГС Партизан Соколи, тешко да се очекува поволна атмосфера на тренинзите. При нашата посета се уверивме во спротивното. Како да нема ни ситен проблем. Младите членови со радост доаѓаат во салата, помагаат со малите рачиња при внесување на справите, а уште не почнат тренингот се натпреваруваат кој прв ќе заземе место да вежба. Небаре гумени над триесетина вежбаа стоење на раце, одење на греда, скок преку јарец, по инструкции на тренерот – селектор Златко Ангелески. Децата од пет години нагоре со афинитети за гимнастика  при изведувањето на вежбите изгледаат како циркуски акробати. Толку се еластични, што наликуваат на традиционалните мајстори од Кина.

Ред и дисциплина владее во салата без доволно справи. На посветеноста можат да им позавидат возрасните во другите клубови. Задачите ги исполнуват без поговор. Се трудат, се виткаат, скокаат, се вртат, се тегнат…, и нормално е да нижат резултати.

– Почнав на осум години, а девет тренирам. Тренираме пет до седумпати неделно. Стигнав до титулата државен првак. Најдобро извежбав на греда. Сакам потешки вежби, како на прескок и разбој. Идол ми е Американката Џонсон – вели Ивана Јанкоска.

Сите освојуваат медали. Стефани Спиркоска, иако двапати повредена, настапи на државниот турнир и постигна успех во Црна Гора, второ место на двомечот. Омилена справа í е гредата. Прво се привикнувала на обележана греда долу, после на пониска и на повисока. Другарките излегуваат, а таа напорно тренира. Не í иде на ум откажување од тоа за кое е приврзана од четвртата година.

– Колку поризично, толку поинтересно. Сакам паѓање на тренинг, не и на натпревар каде се губат поени. Напаѓа тремата, но затоа вежбаме повеќе од три часа да бидеме посигурни. Идол ми е Романката Избаша, за изборот на музика и елементи – вели Спиркоска.

И јуниорката Андреа Ангеловска е државен првак. До титулата дојде со одлични изведби на сите справи, а највисоки оценки 11 и 12 доби на партер и прескок. Со залечена повреда може и повеќе. Талентот го докажа на меѓународни настапи во Нови Сад,  30. место, а во Марибор 10. на Светски куп.

– Планирам повеќе тренинзи за усовршување. Тешко е, но имам прогрес. Во Марибор се плашев дека заостануваме зад другите земји, а видовме дека сме мошне блиску – смета Ангеловска.

Првиот нареден натпревар е државниот турнир во Битола, а меѓународни во Љубљана, Нови Сад, Сремска Митровица и во Кина.

Четири години без турнир

Нема државен гимнастички натпревар во градов од 2010 година. Причините не се само организациско – финансиски. Во салата “Сонце” порано имало анкери и потребно е да се најдат местата каде се тие под паркетот. Само така ќе се наместат сите справи според прописите.

Loading