ПАТУВАЊЕ НИЗ СЛИКИТЕ НА ПАВЛИНА ОД МАКЕДОНИЈА

Со бои и четки во Грција

Павлина Илијеска на повозрасни години ги зела  четките и боите в раце, иако од мали нозе ја привлекувало цртањето и покажувала афинитети кон уметноста. Вели дека никогаш не е доцна да го почне она што го сакаш. Од 2006 година секојдневна преокупација и е сликањето на платно. Неколку години живеела и творела во Солун, а сега последните години е преселена во Лерин. Таму, слободното време, откако ќе í завршат работните обврски, се посветува на своето задоволство – сликањето.

– Од мала имав голем мерак за сликање. Со уметност ме “зарази” покојниот уметник, наставникот Стеван Василески. И добив прва републичка награда за цртеж на тема: За обнова и изградба на Скопје. Признанието ме поттикна на нови творечки сеанси. Во дел од животното патешествие и глината ми беше предмет за уметнички израз.  Со тој чудесен материјал создавав скулптури. Сега исклучиво сликам акрилик на платно. Ми претставува задоволство не само да го насликам платното, туку и сама да го подготвам, а и да го врамам –  објаснува Илијеска при кусиот престој во родниот град.

Како и секој уметник, и таа си има своја инспирација. Најмногу сака да ја овековечува природата.

– Природата, морето, реката, планината ме мотивираат да ги земам четките, боите. Сакам гледачот да патува низ моите слики. Инаку, не ќе може да ја доживее во вистинското светло ни планината, ни реката, ни морето… Чувствата се печат на платното – раскажува Павлина.

За неа, уметникот постои да ги пренесе емоциите на платното и да ги подели со гледачите.

– Уживам да подарувам слики. Ми се чини дека дарувам дел од себе, од мојата љубов, смиреност, од мојата душа. Нема пријател во родниот град, во Грција, кому не сум му дарила творба. Подарувам и преку Црвен крст. Мое дело има и во Старскиот дом во Лерин – додава уметницата, која е членка на ДЛУП.

Имала три самостојни изложби во Лерин. Горда е што на изложбите е претставена како Павлина од Македонија.

– Одлично поминаа изложбите во Лерин. Необичен беше приемот кај љубителите на уметноста. Многу добро беа прифатени делата. Сега создавам нови дела да се претставам пред моите сограѓани – додава Илијеска, потенцирајќи дека додека ја држи раката, но и паметта ќе твори. 

Loading