БЕСКРАЈНО АЛО

Се најави наградна игра. Да се собираат фискални сметки. Да се спакуваат во специјални плика и да се испратат на определена адреса. На таков начин се учествува во наградната игра. Веднаш се појави и реклама на МТВ – “Фискална во рака, награда без мака”. Никој не помислил и не размислил дека играта важи за цела Македонија, а не само за скопскиот “пашалак”. Како и многупати досега, направена е грешка и рекламата е напишана според скопскиот говор. Текстот сигурно поминал низ повеќе лекторски раце но никој не се сетил да го поправи. Ако пак, лекторите не го виделе, а тој се врти во телевизиските програми, гревот е уште поголем. Каде е грешката? Постои правило. Ако именката не е членувана, пред неа не оди предлогот ВО, туку неговата скратена форма В. Точниот исказ би гласел – ФИСКАЛНА В РАКА, НАГРАДА БЕЗ МАКА. Уште подобро е ако се членува придавката фискална – ФИСКАЛНАТА В РАКА, НАГРАДА БЕЗ МАКА. Ако се употреби предлогот ВО, тогаш именката рака треба да биди членувана – РАКАТА. Но, на таков начин би се загубила римата. Затоа, речениците што претходно би набележавме се најточните, – или “Фискална в рака” или “Фискалната в рака”. Вака, како што ја слушаме рекламата, не оди. Исто како кога би рекле, “Си набодев трн во нога”, наместо “Си набодев трн во ногата”. Редовни грешки на скопските телевизии – “Бил ранет во нога”, “Имал пиштол во рака” и многу такви грешки.

Се обидовме да воспоставиме телефонски контакт со некоја од лекторките во МТВ. Ни се јавува женски глас и прашува кој ги бара. Објаснуваме дека ги бара редовен гледач од Прилеп. Беше 11 часот и 30 минути. Зафатени биле лекторките. Ги лекторирале вестите. Да сме се јавеле некаде, по час и половина. Се јавуваме повторно во 13 часот и 30 минути. Се јавува истата госпоѓа (или госпоѓица) и сега не само што прашува кој ги бара, туку и зошто ги бара. И објаснуваме дека сакаме да направиме забелешка за некои јазични грешки.

– А, ако ги барате за тоа,- вели госпоѓата,- подобро да не ги барате. Тие се добри, искусни лекторки и не прават грешки. А за какви грешки сакате да интервенирате?

– Па, не знаеме дали со вас можеме да разговараме на оваа тема, но сакаме да укажеме на неправилностите што ги има во рекламата – “Фискална во рака, награда без мака”.

– Е, подобро немојте! Рекламата така ја добиваме од Владата.

– Можно е така да ја добивате, но не треба и така да ја емитувате.

– Господине, за тоа треба да се обратите во Владата, во Министерството. А ви велам дека лекторките се добри и не прават грешки.

Госпоѓата бараше да се претставиме, а таа не ни се претстави. Не знаеме со кого разговараме а веќе навлеговме во проблематиката.

– Добро госпоѓо, велите дека не прават грешки а токму сега ги следиме вестите, за кои рековте дека ги лекторирале и слушаме крупна грешка.

– Која, на пример?

– Па, ете, презентерката вели дека за нечистиот воздух во Скопје не биле виновни големите КАПАЦИТЕТИ. А знаете, дека фабриките не се КАПАЦИТЕТИ, а имаат свој КАПАЦИТЕТ.

– Добро, јавете се по еден час. Ќе ги добиете. Ќе ги викнеме. Кај нив нема телефон.

Се јавуваме по еден час. Едната лекторка го лекторирала преводот на филмот, а другата била излезена. Се јавуваме одново по еден час. Лекторките биле на пауза. Се јавуваме по половина час, лекторките го лекторирале дневникот. По еден час, лекторките си заминале, јавува госпоѓата.

– Па, Барак Обама да го баравме ќе го добиевме досега,- велиме, веќе малку нервозно.

Госпоѓата слатко се изнасмеа.

Утредента се повтори речиси истата приказна. Во еден момент ни беше речено – “Јавете се по пет минути, ќе ги викнеме”. Се јавуваме по пет минути, слушаме женски глас: “Молам, МТВ”.

– Бараме некоја од лекторките. Нели рековте да се јавиме по пет минути!

– Не знам господине. Јас сега, штотуку влегов во канцеларијава. Овде нема лекторки.

Ѕвониме и третиот ден. Љубезен женски глас: “Лекторките денеска не се на работа”. Ете, заборавивме дека е сабота.

Ништо, ќе се обидеме понеделнички. Денови како плева.

Благоја Ивчески

Loading