СОБИР, ПОСВЕТЕН НА БЛАГОЈА КОРУБИН

“Денови на Благоја Корубин” е меѓународниот научен собир што по 19 пат ќе се одржи денеска од 13 часот во Библиотеката во организација на Институтот за македонски јазик “Крсте Петков Мисирков”, а по повод 74 години од раѓањето на овој македонски прилепски творец, кој, како прв вработен во Институтот, дал многу за норматирањето  на македонскиот современ јазик.

Пригодни обраќања на темата “Лексикологијата и лексикографијата – мостови меѓу јазиците”, ќе имаат директорот на Институтот д-р Гоце Цветановски, претседателот на Советот м-р Никола Димески и директорот на Библиотеката Петар Петрески. Беседа “Влогот на Благоја Корубин во развојот на македонистиката”, ќе има д-р Снежана Велковска, а ќе се произнесат повеќе научни работници за различни теми за македонскиот јазик.

Според Цветановски, Корубин е еден од составувачите на првиот македонски речник, Речникот на македонскиот јазик со српскохрватски толкувања во три тома и е автор на делот со почетните букви: а, б, е, ј, л, љ, м, н, о, т, ќ, у, ч, џ и ш., и токму затоа Институтот за македонски јазик ќе покрене иницијатива една од институциите во градот да го добие неговото име.

Собирот продолжува утре и задутре во Молика, во Битола, а ќе биде  промовиран и Зборникот од трудови “Македонскиот јазик како средство за комуникација и како израз на културата”.

Loading