СЕ СПРЕМА “БУРЕ БАРУТ” НА СЦЕНА

Во театарот

“Буре барут” е новата претстава што ја подготвува ансамблот на театарот. Текстот на Дејан Дуковски го режира Наташа Поплавска. Нејзе ова í е прва соработка со авторот и со актерите на театарот. Премиерата се очекува во средината на април.

Поплавска оценува дека е вистинско време, оти текстот е антологиски во нашата драматургија.

–  Со текстот се роди нова екипа актери. Во прилепскиот театар има нова енергија. Тоа потсетува дека текстот е важен за сите и за оние кои ќе ја гледаат претставата – вели режисерката, потенцирајќи дека í е мило што текстот се поставува дури по 20 години на друга сцена, освен во МНТ.

Не ги отвора темите каква претстава ќе создава, но текстот е поблизок до луѓето на Балканот, односно Бурето барут.

– Тој ментален склоп, тој ментален карактер на луѓето е познат, близок е тој инцидент. Среќна сум што првпат соработувам со Дејан иако сме повеќе од 20 години пријатели. Деца сме кои минавме низ промена на системот, заедно го одживеавме,  сведок сум на процесот на творење на Буре барут, на претставата. Сакав Дејан да напише текст специјално за мене. На крајот првата соработка ќе биде пак со Буре барут, што ми  е многу драго. Имам одлично чувство по средбата со актерите. Се радувам што ќе работам со мојот драг колега Игор Трпче со кого го почнавме театарскиот живот. Ќе ми биде задоволство што ќе ги делиме идеите со ансамблот – додава Поплавска.

И на авторот Дејан Дуковски, му е задоволство што по толку години Буре барут ќе оживее на сцената во Прилеп.

– Одличната актерска екипа го знае текстот. Има убава енергија. Театарот има вистински кастинг за текстот. Мило ми е што соработувам со Наташа. Се радувам, бидејќи е избран вистинскиот момент. Претставата своевремено во МНТ се играше со години, се сменија многу актери. Иако сум бил на Фестивалот “Војдан Чернодрински”, досега не сум соработувал со театарот. Многу ми е драго – вели Дуковски.

Ќе играат Игор Трпче, Владимир Ѓорѓијоски, Александар Степанулески, Димитар Ѓорѓиевски, Марјан Чакмакоски, Илија Волчески, Андон Јовановски, Виолета Чакарова, Даниела Ивановска,  Наташа Наумоска, Катерина Чакмакоска, Михајло Миленкоски, Марија С. Илијески, Зоран Иваноски и Димитар Црцороски. 

Loading