ДУВНИ ВЕТРЕ

Залегна маглата во Скопје. Како многупати досега, нечистиот воздух ги надмина дозволените граници. Неопходни се мерки за подобрување на ситуацијата. Се ангажираат политичарите и сите компетентни лица и институции, за да се намали штетното влијание на нечистиот воздух. И лекарите даваат совети, преку телевизиите и преку весниците. Ќе ја цитираме целосната препорака на еден лекар, објавена во дневен весник: “Дишете на нос, никако на уста, за да не ви продрат опасните честички во белите дробови”. Можеби од сите препораки и преземени мерки ќе се намали штетното влијание од нечистиот воздух. Но, како да го подобриме нечистиот јазик?! Ако се чека за нечистиот воздух и за маглата да дувне ветар или да заврне дожд, нечистотијата во јазикот ни бура ја чисти ни река ја  мие.

Да ја разгледаме (од јазичен агол) препораката на докторот. Тој вели дека не треба да дишеме НА УСТА, туку НА НОС. Така, опасните ЧЕСТИЧКИ немало да ни ПРОДРАТ во белите дробови. Грешките веднаш се забележуваат. Но, ќе се послужиме и со Граматиката. Го бараме предлогот СО. Првото објаснување за тој предлог е дека  означува некакво средство со кое се врши нешто: СО рака, СО нож, Со секира, Со метла. Значи, СО нож се сече, СО рака се мава, СО метла се мете и така натаму. Според тоа- СО ушите се слуша, СО очите се гледа, СО носот (со устата) се дише. Предлогот СО се користи и во други ситуации (СО трчаница, СО песна и слично), но, тоа сега не не интересира. Зошто докторот не ни советува да дишеме СО НОСОТ, а не СО УСТАТА? Рековме дека соодветниот предлог означува средство со кое се врши нешто. Тоа е толку едноствано и јасно. Во конкретниов случај, носот е тоа средство со кое се дише. Устата исто така. При вакви временски услови, при ваков нечист воздух, препорачливо е да се дише СО НОСОТ, а не СО УСТАТА. Ама, докторот вели дека требало да дишеме НА НОСОТ! Се разбира, погрешно е тоа.

Веднаш следува другата грешка. Ако сме дишеле НА УСТА нечистите ЧЕСТИЧКИ ќе ни ПРОДРЕЛЕ во белите дробови. Колку што не држи сеќавањето за овие грешки сме пишувале и порано, но еве, ќе повториме. Во македонскиот јазик не постои глагол ПРОДИРА, ниту пак именка ПРОДОР или ПРОДИРАЊЕ. Нашиот глагол гласи ПРОБИВА (се), глаголската именка е ПРОБИВАЊЕ, а именката е ПРОБИВ. Погрешната употреба на овој глагол (продира) е мошне честа. Еве, и на насловната страна од весникот ја среќаваме. Лекторите би се бранеле со тоа дека така рекол докторот. Можеби докторот навистина рекол така, но лекторот не би смеел да допушти да се напише така. Уште повеќе пак и на насловната страна.

Понатаму, во препораката на докторот се спомнува именката ЧЕСТИЧКА (честички). Голема забуна прави оваа именка. Сите велат ЧЕСТИЧКИ зашто се плашат дека ако речат ЧАСТИЧКИ (частици) тоа ќе биде српско. А не е така. Именката ЧАСТ значи дел, ЧАСТИЦА (частичка) е мало делче. Частица во граматиката се вика уште и ПАРТИКУЛА. Блаже Конески во својата Граматика ја вика ЧАСТИЦА. Чудно е зошто во Речникот е напишано ЧЕСТИЦА. Во Правописот од 1997 година во делот на Речникот стои ЧЕСТИЦА, а потоа, внатре во текстот на повеќе места пишува ЧАСТИЦА. Во Српско-македонскиот речник исто така стои ЧАСТИЦА. Именката ЧАСТ ја има и во бугарскиот јазик и во рускиот. Во многу руски книги ќе сретнеме ПЕРВАЈА ЧАСТ и ВТОРАЈА ЧАСТ – Прв дел и Втор дел. Не треба да се плашиме дека ЧАСТИЦА е српска именка напротив, како таква треба да се употребува. ЧАСТ е дел, а ЧАСТИЦА е мало делче. Тука не треба да има колебање. Чудно е зошто од сите медиуму слушаме (погрешно) ЧЕСТИЧКА. Лекторите треба почесто да ги отвораат “тевтерите”, да видат, да се уверат и да не ја повторуваат оваа грешка.

Како што спомнавме во почетокот, ќе дувне ветрот, ќе го снема смогот, нечистиот возух. Но, кај нас, во Македонија, кој ветар да дувне навева куп јазични грешки.

Благоја Ивчески

Loading