БАБИ ВО СУРАТИ

На 14 -тото издание на карневалот Прочка 2014

Девет пензионерки на возраст од над 65 години засилени со две помлади девојки ќе ги доловат семејните обврски и традициите на возрасните жени во градот и во селата пред вековите во етно приказна на карневалот Прочка. Три месеци членовите на здружението Преродба ја подготвуваат малата драматизација крстена “Седенка”, во која бабите ќе се маскираат во народни носии, кои ги носеле нивните претци при предењето, ткаењето на разбој, везењето, плетењето и другите женски семејни ангажмани во минатото.

– Етноприказната практичо е соба, уредена во архаичен стил, со што ќе се врати времето. Собата со иконографија на нашите претци е поставена на тракторска приколка, а актерите, нашите членки, освен што ќе бидат маскирани во соодветна руба од своите баби, ќе создаваат ракотворби и ќе пеат изворни народни песни – вели Лилјана Ѓорѓиоска од Преродба.

Тоа ќе е само дел од карневалското волшепство во разни бои, фигури и форми, полни со имагинација, но и со етно нитка која го демонстрира нашето раскошно културно наследство на карневалот в недела.

Над 2000 учесници ќе ги стават суратите да дефилираат и играат на парадата под маски. Годинава карневалот е збогатен со маскари од Србија, Албанија и од Бугарија, покрај гостите од повеќе градови и села од земјава. Ќе доминираат децата од сите основни и средни училишта, а карневалската фешта за Поклади ќе ја зачинат со традиционалниот танц Прилепските Мечкари во кожи, крзна и рогови. Ќе се реинкарнира некогашната празнична душа на градот, полна со дух на мајтапчилак и курназлак. Оригиналноста и автентичноста на маските ќе се  дополни со инвентивни, модерни маски и перформанси да возбуди, според очекувањата на организаторите, неколку десетици илјади посетители.       Локалните власти и здружението Прилепски Мечкари го најавуваат стартот со мажоретките и со градскиот дувачки оркестар. Планирани се изложби, жонглерски атракции, ноќни забави за незаборавно расположение. Продолжено е работното време на угостителските објекти за два часа за викендов. 

Карневалот го афирмира градот и на меѓународно ниво. Бидејќи маските се спој на традицијата со модерното, едновремено негувајќи ги адетите како нематеријално културно наследство, кое влијае на туристичката привлечност.

Организираната ревија на сурати за Прочка се потпира на адетите на касапскиот еснаф,  кој се “преправал” за да се исчисти од гревовите. Прочка е празник за простување.

“Пат кон светлината”

Педесетина ученици од основните училишта попладнево од 16 часот во театарот ќе ја изведат претставата “Пат кон светлината”, со кој се одбележува Прочка. Собраните средства од влезниците ќе се насочат за изградбата на црквата Св. Петка.

Учениците кои изучуваат етика на религии и запознавање на религии првпат подготвија заедничка хуманитарна претстава за да ја истакнат духовната цел и суштина на големиот христијански празник, Велики Поклади.

– Преку рецитали, драматизирани текстови се отсликуваат настани со поучна содржина – велат од ОУ “Кочо Рацин”, кое е организатор на манифестацијата.

Loading