ЖИВОТ БЕЗ ГРАНИЦИ

Кирил Ѓорѓиоски, Претседател на здружението на пензионерите

– Прилеп ќе биде домаќин на манифестацијата “Пензионерите пеат”

Се грижите за раст на животниот стандард и партиципирате во социјалниот живот на пензионерите. Како сте организирани?

– Заедно со Кривогаштани и Долнени, Здружението на пензионери – Прилеп брои 12 000 членови и уште 500 лица кои се брачни другари на членовите и плаќаат членарина. Вкупно 12500. На трите општини сме организирани во 21 огранок. Во Прилеп се 16 и 5 во селата. Одборите се со 5-7 члена преку кои избираат претседател и секретар. Сите активности произлегуваат од малите одбори во ограноците и потоа собранието на пензионери во ограноците избира претставници во собраниево на ЗП. Според големината на огранокот и претставниците се одбираат. Имаме и по еден до тројца од најголемите ограноци. Највисок орган на одлучување е Собранието со 41 член. Извршниот одбор брои 15 члена, надзорниот одбор и комисии кои ги спроведуваат сите активности. Се финансираме од членарина, од кирија од издавање на простории, од орочени средства и располагаме со околу 7 милиони денари годишно со кои се покриваат активностите на комисиите. Комисијата за спорт и рекреација годинава за активности има 280 000 денари, а лани имаа 220 000. Комисијата за одмор и рекреација има 420 000 ден. годишно, од кои 85 000 за еднократна парична помош и 200 000 за бањско – климатско лекување. И Комисијата за културно забавен живот има толку финансиски средства. Комисијата за социјала има околу милион и 50 илјади денари. За секцијата на жени околу 100 000 денари.

Кои активности се преземаат за заштитата на правата и интересите на корисниците на пензија?

– Лани одредивме 650 000 ден. за еднократна помош на членовите и 200 000 ден. за бањско климатско лекување. Годинава издвоивме 200 000 денари плус за комисијата за социјална заштита да им помогнеме на изнемоштените пензионери. За социјално загрозени имаме предвидено околу 100 пакети од по 1000 денари. Околу 100 000 ден. се резервирани за хуманитарни цели, за помош во случај на пожар, поплава… За еднократна помош се1,35 милион ден. Најмногу средства насочивме на хуманоста и солидарноста да помогнеме на изнемоштените лица.

Според Програмата на СЗП, 2014 е прогласена за година на солидарноста. Приоритет ќе се социјално-хуманитарните цели, со ширењето на позитивната енергија во интерес на сегашните и идни пензионери. Што може да се очекува?

– Потребите на пензионерите се разновидни. Помладите сакаат да спортуваат, други сакаат да шетаат и да се забавуваат на културни настани. Има болни и изнемоштени за еднократна парична помош. Се трудиме да ги задоволиме сите. За бањско лекување се 200 000 денари, распоредени на следниов начин. Под 10 000 денари пензија партиципираме 50 отсто и за 10-15 000 ден. партиципираме со 30 отсто. За пензии над 15 000 учествуваме со 20 отсто. Овие пари се за 10 дена, за во било која бања во МК. Лани имавме 60 предмети од пријавени 200 баратели. Има правилник во кој се наведени сите болести. Доделуваме еднократна парична помош според височината на пензијата. За еднократна парична помош се даваат од 3000 до 10 000 ден. Се зголемуваат барателите секоја година. Има граѓани со голема потреба. За секое барање, за поплава или пожар, минимум даваме 10 000 ден. Лани 60 пакети поделивме, а за годинава се 100 пакети од по 1 000 ден. кои ги делиме преку ограноците на лица што се социјално загрозени. Тоа го правиме пред Новогодишните празници.

Од лани сите пензионери со подпросечна пензија, добија бесплатно болничко лекување. Ова е бенефиција за лицата кои го завршиле својот работен век?

– Предлагаме програмата за бесплатно лекување да се прошири за сите пензионери над 65 години. Таа популација има заслужено. Ова е едно од поболните прашања. Се грижиме за редовно добивање на пензиите, преку органите се грижиме за здравствената заштита да биде бесплатна, да се прошират листите на бесплатни лекови за да може пензионерите да си дозволат да ги имаат и најобични лекови и тие што се поскапи. Владата има доста придонесено, но и ние бараме и тие што не примаат пензии, да земаат пензии. Предлагаме да примаат т.н. социјална пензија сите што се над 65 години.

Се залагате за активно стареење. Живеењето во третото доба да не биде монотонија. Се организираат разни  културни, спортски манифестации, екскурзии? 

– Здружението е силно спортски активно. По ограноци се натпреваруваме во 13 дисциплини, тргање со јаже, стрелаштво, пикадо, шах, домино, табла, фрлање на ѓуле, трчање… Сето во машка и женска конкуренција. Избраните натпреварувачи по ограноци, потоа одат на општинска лига, па на регионални првенства. Секогаш освојуваме 12-13 места на регионалните игри. Последниве години, постојано сме втори во Македонија, само лани бевме трети. Едно сме од подобрите здуженија. Учествуваме во сите дисциплини. Определени се и парични награди од сопствени средства. За трето место 2 000, за второ 3000 и за прво место 4000 денари.

Отворени се повеќе т.н. маалски клубови за дневен престој каде пензионерите се дружат, информираат и ја надминуваат осаменоста? Се отворат клубови и во руралните средини?

– Во соработка со ЛС и со градоначалникот, последниве 6 години зголемена е активноста на маалските клубови. Без ограноци замира активноста, а каде има се организирани клубови за еднодневно дружење, за забава, за шах, домино, спортски активности. Во урбаните заедници има 6, а во руралните 2 клубови – во Тополчани и Кривогаштани. Единствени сме во Македонија со толку клубови. Во Кривогаштани вложивме 250 000 денари за отворање на клубот, а помогна и нивната ЛС. Направивме убаво катче за пензионерите. Со доаѓањето на градоначалникот на власт, секоја година отвораме по еден клуб. Централниот клуб постои повеќе години. И во него се дружат стотина пензионери. Увидовме дека нема место за сите и дојде идеа да отвориме клуб во населбата Рид, каде има 2 ограноци. Имаме клуб во Гоце Делчев, во Спиро Забрчанец имаме клуб за ограноците од Бончејца, Точила и Варошко маало. Во Тризла во 2013 година отворивме клуб за ограноците Тризла 1, Тризла 2 и Тризла 3. Сите се дружат. Сепак не се доволни и имаме потреба за нови клубови. Донесена е одлука да се отвори клуб во Вишне, каде има над илјада пензионери. Зедовме под кирија една просторија да се организираат членовите. Се надеваме дека ЛС ќе помогне со просторија да не плаќаме кирија. За пензионерите од Корзо и Сточен Пазар изнајмивме просторија од ЈП за стопанисување со деловен простор. Ангажирани се и луѓе. Централниот работи во две смени, а другите по 8 или 3 часа. На сите им даваме паушали.

Мошне активни се пензионерките? Дел се и од културните манифестации?

– За Активот на жени се одобрени 100 000 ден. Присутни се на секоја манифестација во било кој град. Имаме регионални и локални културни средби. Тие се наши амбасадори. За културно – забавен живот имаме одвоено 420 000 денари. Имаме 40 членови во двете КУД-а, “Пензионер” и “Пенка Котеска”. Од југозападен дел – Охрид, Дебар, Македонски Брод, Прилеп, Крушево, Битола, најдобрите учествуваат на државните смотри. Нема награди, но се бележи учество и професионалност. Манифестацијата “Пензионерите пеат” ја организираме за 8 градови. Годинава сме домаќини со Дојран, Богданци и Кавадарци. Тоа е најомилениот настан, да се веселиш, да се дружиш.

Ќе има ли екскурзии до значајни историски и културни знаменитости и природни реткости?

– За одмор и рекреација на пензионерите планирани се 8 екскурзии од која една ќе биде во странство. Лани бевме во Грција, пред тоа во Албанија. Секој пензионер плаќа 100 денари без оглед на далечината. Се трудиме сите да бидат застапени, а преку ограноците да не се повторуваат исти членови. Има некои кои се движат и се околу 1000 членови постојани. Секоја година носиме околу 1500 членови на сите екскурзии. Секој денар се знае како е потрошен и за што е потрошен.

Невладина, непартиска и мултиетничка асоцијација сте, која ги застапува интересите на пензионерите. Достапни ли сте за сите?

– Отворени сме за сите и продолжуваме да ги реализираме нашите програми за подобар живот на пензионерите.  Кој сака да биде активен, треба да се пријави во огранокот. Се одржуваат сите активности на одборите и собранијата. Организирани сме во сите области. За Василица организиравме во сите клубови вртење мазник со паричка, а ги информираме членовите преку клубовите со соопштенија или преку информативните средства. Нема празник што не сме го одбележале со настап на нашите две КУД. Во старскиот дом одиме најмалку двапати годишно и приредуваат перформанс. Соработката со сите здруженија од Македонија како и со СЗПМ е одлична, што е и една од нашите поважни цели. 

Loading