ЗАРОВЕНИ ВО ПЕСОКТА

Чести се телевизиските емисии во кои се зборува за нашите револуционери. Овој пат тема беше животот на Пере Тошев. Се зборуваше за детали од неговиот живот, за неговата револуционерна дејност и најпосле за неговата смрт. Убиен е во Дреновската клисура. Извршено е предавство, но не е разјаснето кој го направил тоа. Убиен е и неговиот придружник кој бил од селото Раец. Сево ова го објаснува човек, историчар по професија. Зборуваше со убав, чист македонски јазик. На крајот – изненадување. Откако го објасни убиството од страна на турската полиција или војска, вели дека Пере и неговиот придружник биле ЗАРОВЕНИ во песокта. Додека, за сето време, размислувавме за чистиот јазик на историчарот, овој збор – ЗАРОВЕНИ, не збуни. Досега не сме го чуле. При мало размислување, си спомнавме дека имаме збор РОВ. Значи, коренот е тука некаде. Бараме во Речникот. Глагол ЗАРОВИ или придавка ЗАРОВЕНИ не успеавме да најдеме. Ги нема. Бараме понатаму, на буквата Р. Покрај именката РОВ, наоѓаме глаголска именка РОВЕЊЕ и глагол РОВИ. Кај глаголот РОВИ има објаснение дека тоа е копање земја, правејќи бразди, ровови. Како пример е наведена реченица – “Со машина ја РОВАТ земјата”. Но, по сево ова упатува на глаголот КОПА. Значи, тоа е нормата – КОПА, а не РОВИ. Потоа има дадено и некои поинакви значења на глаголот РОВИ, но тоа веќе не не интересира. Рековме дека изненадувачки ни прозвучи овој збор. Не сме го чуле и не сме знаеле дека е одбележан и во Речникот. Сепак, во литературниот јазик не ќе да му е местото. Предноста е дадена на глаголот КОПА. А придавката ЗАРОВЕН треба да гласи ЗАКОПАН. Доколку се сака да се каже дека закопувањето не било извршено како што треба, дека било направено онака, згора – згора, нашиов човек би рекол дека биле така, ЗАПРЕТАНИ или можеби – ПРИЗАКОПАНИ. Чудно е, како дошол историчарот до овој збор, до придавката ЗАРОВЕНИ. Навистина, коренот е тука некаде, близу. Именката РОВ е стандардизирана, а РОВ се прави со копање или можеби, ете, и со РОВЕЊЕ, па оттука да се извлече и придавка ЗАРОВЕНИ. Но, лингвистите дале предност за зборовите КОПАЊЕ и ЗАКОПАНИ. Тие би требало да бидат и литературна норма.

Да преминеме на една друга тема. Колку и да станува збор за обични, елементарни нешта, сепак ни предизвика пријатно чувство. А што е тоа? Млад човек продава на пазарот млечни производи. Најмногу сирење и тоа повеќе видови. Над секое од нив ставил, напишал по едно ливче за да ги информира евентуалните купувачи, за каков вид сирење станува збор. На едно место пишува БИЈАНО сирење. Веднаш до него ПОЛУ БИЈАНО. Редовно пазаруваме од кај него, ни врви муабетот. Му обрнавме внимание дека треба да стои БИЕНО, а не БИЈАНО. Момчето го прифати и разговорот и укажувањето. По неколку пазари, напишал нови ливчиња и гледаме дека пишува БИЕНО сирење и ПОЛУ БИЕНО сирење. Го пофаливме момчето, а тој се шегува, вели:

– Гледаш како те слушам?

– Добро е, – му велиме. – Само треба уште една грешка да се исправи. Не се пишува ПОЛУ БИЕНО, туку ПОЛУБИЕНО, тоа е еден збор.

По неколку дена, поминавме тука и видовме дека е исправена и таа грешка. На ливчето пишува ПОЛУБИЕНО. Ама сега пак друга грешка настанала. На друго ливче пишува МЛЕКАРА. Се шегуваме, му велиме:

– Пак си ја грешил работата. Не треба да пишува МЛЕКАРА, туку МЛЕКАРНИЦА. Ајде, послушај уште еднаш.

– Нема грешка, – вели момчето. – Ќе ја поправиме и таа грешка во најбрзо време.

Оттогаш не сме поминале таму. Не знаеме дали е поправена грешката. Пријатно го доживеавме податокот што момчето ги прифати овие забелешки. Не знаеме, не ни е јасно, од каде таква доверба. Сигурно е дека тој не чита “Зенит”.

Како и да е, податокот е радосен. Би било убаво кога би имало повеќе вакви случаи и кога вака брзо би се поправале грешките.

Благоја Ивчески

Loading