ПОЛЕСЕН ИЗВОЗ НА УМЕТНИЧКИ ДЕЛА

Државата континуирано создава услови за зачувување на културното наследство, за натамошно опстојување и пренесување на идните генерации. Во собраниска процедура се измените на законот со кои се уредува  антиквитетите и уметничките или други предмети на колекции што немаат статус на заштитени добра, чиј извоз не е под режим на слободен извоз во смисла на прописите за надворешно-трговското работење, да можат полесно да се извезуваат.             Пратеничката Ане Лашкоска, која е член на собраниската комисија за култура вели дека со уверение ќе се потврдува дека движното добро што е предмет на извоз и не претставува национално богатство запишано во Националниот регистар на културно наследство.

–  Тоа дело ќе може да се извезе без ограничувања со соодветно уверение кое ќе го дава трговецот. Поедноставно, ако некој човек, гостин, турист, купи уметничко дело, антиквитет што нема културно-историска вредност или нема статус на заштитено добро, според досегашното законско решение мораше да оди во Управата за заштита на културното наследство да добие уверение со кое се дозволува извоз. Процедурата беше комплицирана, а со измените се поедноставува. Се предвидува уверението кај себе да го има физичкото, или правното лице, кое го продава уметничкото дело, за да не се губи време и да се олесни процедурата за извоз. При продажбата, трговецот со антиквитети, уметнички или други предмети на колекции е должен на купувачот да му го даде уверението и да го информира дека добрата може да се извезат – вели Лашкоска, потенцирајќи дека деновиве треба да бидат донесени законските измени.

Loading