МАМУТСКИ ПРОЗЕН АНГАЖМАН

Зенит го промовираше романот “Критон” на Даниел Мелвил

“Зенит” го промовираше новото дело на нашиот писател Даниел Мелвил – романот “Критон” во Библиотеката. За романот на 1200 страници зборуваше писателот Бранко Цветкоски, а извадоци читаше актерот Игор Трпче.

Според Цветкоски, “Критон” на Мевил, можеби е најобемниот напишан роман на современ македонски јазик, составен од пет дела. Станува збор за четиво кое бара и ментална и физичка подготовка, а богами и несекојдневна упорност.

– Авторовиот ракопис го доживеав како негова лична судбина и  обемна граѓа која е сведок за еден небулозен опис на едно небулозно општество кое обитува на нашата планета Земја или на планетата Критон. Или на некоја друга измислена вселенска планетарна станица каде што може да се замисли цивилизацијата како човечката, или блиска на неа, или изведена според досегашните цивилизациски обрасци на  човековата, но засмадена со многу имагинација, за да биде и неземна и земна, и овдешна и неовдешна, можна и неможна, и стварна и нестварна… Оваа голема прозна интроспекција на неверојатни случки и настани како да општи со секакви можни модели на тоталитарно општество, во кое единката и колективот стануваат пленици на мала група узурпатори на власта, на фантомски инженери на катадневниот човеков живот, затоа и ликовите и имињата на големата галерија протагонисти се необични, ги има десетици и десетици, неовдешни, монструозни како и нивните улоги – на шпиони, поткажувачи, на узурпатори, на моќници на злото, на неверојатни лунатици, на ахасфери и на меѓупланетарни сурати, што би рекле со прилепскиот жаргон, кои секогаш се следени од фантомските државни служби, од неверојатните електронски технологии кои ја скенираат дури и човековата душа до крајот на нејзиното најмало делче свест… Овој роман се греее на врелото огниште на вообразбата без која не е можна авантурата да се допре во просториите на заводливата книжевна вселена на овој автор. Секој дел од романот, на секоја страница е на показ неговата особено разбранувана наративна имагинација која од настанот, собитието и ликот создава иницијативен сноп за распрскување на непредвидливи апсурдни, бизарни, неочекувани и енормно атипични ситуации кои на романот му даваат тревожна внатрешна смисла, му даваат заумност и му придаваат драмска тензичност, неочекуваност, пресвртна атмосфера, мачна и мрачна разрешница. Треба да му се честита на овој трпелив и несекојдневен фантазер, за големата битка со книжевната градба наречена роман на прилепчанецот Мелвил,  дело со  кое  како да се изборил со еден утописки Моби Дик на целата можна извртена човечка суштина, продрел и подалеку – мешајќи ги времињата, просторите, воопшто шетајќи се постојано по работ на својата најнеочекувана фантазија – рече за романот Цветкоски, потенцирајќи дека е несекојдневно прозно сведоштво за болката и траумата што ја предизвикуваат мислата за бесперспективноста на човековата цивилизација.

Цветкоски смета дека Мелвил е индивидуалист со сложено животно, интелектуално и сонувачко педигре. Необично е инвентивен и храбар истражувач. Тој е регистрирач во просторот на функционалната литературна координата и личност која со несекојдневна, со избувлива ангажираност и со нескротлива фантазија í приоѓа на естетската провокација.

– Овој редок прилепчанец, граѓанин на големата светлосна престолнина на уметноста, занесеник и фантазер, испосник и богатир на инвенцијата, исто така ја заслужува почитта и на својата прилепска и на пошироката македонска книжевна фела. Сега засега, најавувајќи се во својата најзрела животна доба, како да решил да си изгради споменик за паметење, за незаборав, не само за својата средина, туку и за цела една генерација македонски занесеници кои животот го минуваат во белиот свет, но не се откажуваат од амбицијата да се докажат, кога тогаш и во матичната национална средина – додаде промоторот.

Инаку, преку “Зенит” Мелвил ги издаде романот ,,Стравови,, и книгите ,,Македонска рапсодија,, и ,,Реквием за едно човештво,,.

Loading