МАСКИТЕ НА ШТРЕК

Локалната самоуправа и Здружението “Прилепски мечкари” ги привршуваат подготовките за 14. издание на меѓународниот карневал “Прочка”, за 2. март. Снежана Ристеска, советник за култура при ЛС, очекува учество на дефилето низ улиците на повеќе групни и поединечни маски од земјава и од соседните држави.

– Оркестарот и мажоретките подготвуваат нова кореографија. И кај симболот на карневалот, Прилепските Мечкари, кои се претставија на карневалот во Перник, Бугарија, се спремаат новини. Пријавите се на интернет страницата www.karnevalprilep.mk – вели Ристеска.

Најзабележителни се очекуваат да се учениците од средните и основните училишта, чии креативни маски се вистинско богатство и го претставуваат карневалот на локално, државно и меѓународно ниво.

– Маските ќе се оригинални, со симболика, и со високи уметнички вредности (според начинот на изработка и креативноста), проследени со драмска импровизација, претставувајќи го културниот идентитет на прилепчани – додава Ристеска.

Планирани се изложба, жонглерски атракции, ноќни забави за позитивна енергија и расположение.

– Карневалот е културна манифестација, на темелите на традицијата  на касапскиот еснаф. Единствените белези претставуваат туристичка атракција. Спој е на обичаите со модерното. Со прочкарските адети се зачувуваат традицијата, и се негува нашето богато културно наследство – вели советникот за култура. 

Loading