ЧЕПНИ ВАМУ, ЧЕПНИ ТАМУ – ГРЕШКИ

Пренатрупана продавница. Разгледуваме, бараме по полиците, не можеме да најдеме. И се обраќаме на касиерката:

– Ве молам, дали имате чепкалки за заби и ако имате, каде се?

Касиерката, зафатена со луѓето кои чекаат да платат, веројатно не го разбрала прашањето и вели:

– Чепкалки за уши барате?

– Не, не, чепкалки за заби, – одговараме

– А, чечкалици? – вели продавачката.

– Не, чепкалки, чепкалки за заби!

– Е, па тоа де! Има, ете ги таму десно, во горната полица.

Одиме до полицата десно и ги најдовме. Убави пластични кутичиња и под нив убаво напишано – ЧЕЧКАЛИЦИ.

Чепкалките за уши сите ги викаат ЧЕПКАЛКИ. А зошто чепкалките за заби не ги викаат така? Па, нели и со едните и со другите се чепка. Со едните во ушите а со другите во забите. Во српскиот јазик глаголот ЧЕПКА, гласи ЧАЧКА. Затоа тие чепкалките за заби си ги викаат ЧАЧКАЛИЦИ. Ние, на “најпатриотски” начин ги помакедончуваме и не ги викаме ЧАЧКАЛИЦИ, туку ЧЕЧКАЛИЦИ. А зошто? Нашиот глагол е ЧЕПКА а глаголската именка – ЧЕПКАЊЕ.

Да ја оставиме продавницата и да се преселиме во ПАРЛАМЕНТОТ. И таму многу често се чепка со погрешни чепкалки. На говорницата е госпоѓа, долгогодишен пратеник. Таа си дискутира со нејзиниот препознатлив стил. Но, во тоа нема да навлегуваме. Таму нека и биде. Во еден момент, доста нервозно (не велиме кавгаџиски) вели: “Немојте да ЧАЧКАМЕ во Уставот”. Пред малку рековме дека српската именка ЧАЧКАЛИЦА, нашиве луѓе ја викаат ЧЕЧКАЛИЦА, ама споменатата госпоѓа го употребува глаголот во “оригинал”. Таа вели – “Немојте да ЧАЧКАМЕ”. Зошто нашиот глагол ЧЕПКА, па и именката ЧЕПКАЛКА не им се допаѓа на нашиве луѓе? Можеби затоа што се наши. Можеби им звучи попросто!

Во еден наш дневен весник прочитавме интересна статија. Некој човек во Босна сменил 49 жени и сега ќе се женел педесетти пат. Го прашуваат како успева во тоа. Како успеал да освои толку женски срца! Тој одговара дека ги лажел, дека им давал пари, подароци, додека не ги ОЖЕНЕЛ.

Јасно се гледа дека текстот е преведуван од српски јазик. Арно ама, преведувачот не успеал во преводот. Заборавил дека кај нас, во македонскиот јазик жените се мажат а не се женат. Преведувачот преведувал буквално збор по збор и не успеал да ни ја пренесе вистиниската мисла. Тој, љубовничарот лажел, купувал подароци додека не се ОЖЕНЕЛ за соодветната невеста, а не додека НЕ ЈА ОЖЕНЕЛ НЕА. Според нашиот јазик –  тој ќе се ОЖЕНЕЛ а жената во таквата ситуација ќе биде ОМАЖЕНА. Сме се среќавале и во други пригоди со вакви грешки. Сме прочитале: “Младоженците се натпреваруваат кој ќе успее да ја ОЖЕНИ девојката”. И тука би требало да се каже дека младоженците, кандидатите се натпреварувале кој ќе успее ДА ЈА ЗЕМЕ ЗА ЖЕНА, да се ОЖЕНИ со девојката, а не да ја ожени неа.

Да набележиме уште една грешка која ја слушаме или ја читаме мошне често.

Во една телевизиска емисија се зборува за изградба на систем на парно греење во Битола. Не се разбираме во таа работа. Главно, стануваше збор за тоа дека од РЕК – БИТОЛА ќе се пренесува топлинска енергија која ќе ги задоволи потребите на Битола и на околните села. Инженер, специјалист од таа област објаснува надолго и нашироко како ќе се реализира тој проект. Инженерот вели дека најпрво ќе почне изградбата на главниот ЦЕВОВОД. Човекот беше млад. Сигурно дека се школувал во нашево време и користел учебници на македонски јазик. Или пак и во учебниците таа именка е напишана погрешно. На македонски, именката гласи ЦЕВКА, според тоа, именката изведена од неа ќе биде ЦЕВКОВОД а не ЦЕВОВОД.

Чепнавме во повеќе области. Но за нашиве јазични грешки треба длабоко орање а не само чепкање. Само така би ја уништиле откорен таа болест.

Благоја Ивчески

Loading