ТРАГАЧИ ПО ВОЗБУДИ СО ЏИПОВИ

Уживаат не само во битката на машината со суровата природа, туку и со дружењето и мајтапите. Така секоја недела десетина авантуристи со теренски возила се релаксираат во околината на градот, проверувајќи ги сопствените возачки умештва и моќта на џиповите. Ги ставаат на испит силата на јапонските џипови, ги мерат коњските сили на Тојота со Опел, совладувајќи, кал, дупки и нагорнини. Не им пречи ниту снег, ниту мраз, кога се бендерат под агол од речиси 80 степени. Чуда прави малиот Сузуки Самурај од 1996 година. И коза каде не стапнала, се пробива “стариот мал Јапонец”. Како гасеница ја гризе угорнината Мицубишито. Од длабоката кал без сајла и тргач излегува како од асфалт Хонда. Тркалата со големи крампони фрлаат парчиња баз, јачи моторот од над стотина коњски сили. Се освојува височината, додека возачите се полнат со адреналин, борејќи се со непристапниот терен и невремето.     

Велат дека трагаат по возбуди. Тоа им е одмор по напорната работна недела. Не се грижат многу од опасностите, кога слегуваат сантиметар по сантиметар од брдата надолу. Не стравуваат ниту кога се лизгаат гумите низ блатото и камењата. Опасноста им предизвикува задоволство и им ја полни душата. Тесни им се улиците и рамницата. Комотни се со машината, тркалата и контролата. Се радуваат кога ја победуваат дивината, орајќи ја планината. Тоа е потрага по слобода и безграничност. 

Loading