НАД 77 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА КОНАЦИТЕ

Една година од пожарот во манастирот Трескавец

Комплетната реконструкција на конаците на манастирот Трескавец, кои изгореа пред една година во страотен пожар, според проектот ќе чини над 77 милиони денари, информираа Гордана Д.Спироска, директор на Заводот и Музеј и градоначалникот Марјан Ристески на годишнината од пожарот. Градбата ќе се врши етапно, откако Управата за заштита на културното наследство ќе даде одобрение.

– Се дополнува и корегира проектот. Тоа е во функција на постигнување на конструктивните елементи и естетиката на проектот. Станува збор за обемен проект со околу 1400 квадратни метри. Градбата ќе оди во фази – вели Спироска, додавајќи дека паралелно се подготвуваат проектите за заштита и конзервација на црквата, трпезаријата и магерницата со магерничкиот конак.

Според градоначалникот Ристески за две години манастирот ќе го добие автентичниот лик, кој по изградбата на патот го посетиле над 50 илјади туристи.

– По обновата посетите ќе се зголемат, а сî ова ќе придонесе за развој на манастирскиот туризам – вели Ристески, напомнувајќи дека досега е исчистен теренот околу опожарените конаци благодарение на граѓаните и на јавните претпријатија, изграден е патот во должина од 7,5 километри вреден два милиони евра и од донации од буџетот на ЛС и од добронамерници се собрани над 100 илјади евра.

Првично се констатира дека пожарот избувнал од оџакот во гостинската соба.                                                                     

Loading