“КРПЕН ЖИВОТ”, “НА ДВА СТОЛА” И “ВОЛШЕБНИКОТ ОД ОЗ” ВО АВСТРАЛИЈА

Бел ден за програмите на културните институции годинава

Културните институции од градот добијаа виза од Министерството за култура за годинешните активности. Пари има за повеќе проекти од национално значење.        

ПАРИ ЗА ПРЕТСТАВИ, КОНЦЕРТИ, ИЗЛОЖБИ

Директорот на ЦК “Марко Цепенков” Тони Чатлески е задоволен што ќе се финансираат повеќе проекти. Центарот добил три театарски проекти, над 20 од ликовната, десетина од музичката, издавачката дејност.

– Со државни пари ќе ги создаваме претставите “Сон на летната ноќ” – В.Шекспир, во  режија на  Нела Витошевиќ, “Адам и Ева” од Мирослав Крлежа, во режија на Ања Максиќ и “Буре барут” од Дејан Дуковски во режија на Наташа Поплавска. Со свои средства ќе подготвиме уште една до две претстави. Планирано е гостувања низ земјата и во Австралија со претставите “Крпен живот”, “На два стола” и “Волшебникот од Оз”. Државата го финансира издавањето на списанието “Стремеж”. Пари ќе има за фестивалот “Изворен фолклор на балканските народи”. Поддршка добивме и за гостувањето на Македонската опера, за концертот на Филип Пеоски на пијано, за велигденскиот концерт на хорот “Свето Благовештение”, концертите на групата Фолтин и на етносоставот Монистра. Во ликовната дејност, ќе ја реализираме  седмата ликовна колонија Дрен и над 20 групни и самостојни изложби – вели Чатлески, додавајќи дека Центарот  и со сопствени средства ќе организира изложби, концерти и манифестации од културното лето.

ЗАШТИТА, АРЕХОЛОШКИ ИСТРАЖУВАЊА И ВАЛОРИЗАЦИИ

Гордана Д. Спироска, директор на Заводот и Музеј потенцира дека ќе реализираат повеќе проекти за заштита, конзервацијата, археолошки истражувања и валоризацијата на објекти.

– Ќе ја подготвиме постојаната етнографска поставка. Ќе се заштитува на црквата Св. Никола, во Кривогаштани, ќе конзервираме и реконструираме керамички садови пронајдени на локалитетот Трештена Стена, а ќе се погрижиме и за металните предмети од локалитетот Сламите.  И новите наоди од црквата Св. Благовештение ќе се заштитат и конзервираат. Збирката од експонати во Музејот за тутун ќе се збогатува. Ќе се ревалоризираат неколку куќи и споменици во Крушево, Прилеп… Археолошки истражувања ќе се вршат на Трештена Стена, а ќе изработиме проекти за реставрација и конзервација на влезната порта од манастирскиот комплекс “Св. Архангел Михаил”, на црквата и трпезаријата на манастирот Трескавец, проект за конзервација на архитектурата и реконструкција на тремот на црквата “Св. Никола” во Мариово, конзерваторски проект прва фаза за црквата “Св. Никола” во селото Зрзе, како и  непосредна заштита на административна зграда на Заводот, депоата за икони и за археолошки и етнолошки експонати – вели директорката.

Заводот ќе се погрижат за санација на покривот, дворот и оградниот ѕид од спомен-домот на Блаже Конески во селото Небрегово, за темелната реконструкција на источниот конак од манастирот “Св. Архангел Михаил” (трета фаза) и за основниот проект за санација,  реконструкција и реставрација на конаците на манастирот “Трескавец”, како и за ревалоризација на 25 споменици на култура.

ПОДДРШКА ЗА ДИГИТАЛИЗАЦИЈА И КОНЗЕРВАЦИЈА

Институтот за старословенска култура со државна помош ќе го издава Речникот на странски зборови и изрази од Јанаки Стрезов во втората половина на 19 век од д-р Виолета Крстеска. Ќе се дигитализира документацијата од археолошките истражувања на локалитетот Св. Никола, Мариово, ќе се истражуваат Марковите кули, ќе се обидат да се реконструираат дел од пештерната црква и параклисот во монашката населба во Зрзе, ќе се конзервираат металните наоди од Зрзе, ќе се заштитува празникот Водичарки во Беранци, Битолско  и ќе се  валоризира празникот Лазарките.

ПАРИ И ЗА ФЕСТИВАЛИ И НЕЗАВИСНИ ПРОЕКТИ

Министерството го одврза кесето за поддршка на фестивали и независни проекти. Ќе се финансираат Карневалот Прочка, издавањето на книгата “Преданија за Прилеп и Прилепско” од новинарот Игор Тасески, поетската манифестација “Поетски слим” на Театарска работилница, републичкиот фестивал на народни инструменти и песни “Пеце Атанасовски, МТФ “Војдан Чернодрински”, музичкиот перформанс, “Од ништо до херојство” на танцовото студио Зодијак, издавањето на музичкото ЦД “Последование на свети Климент Охридски” на ансамблот “Пелагонитиса”,  работата на детскиот хор “Мали ангели”, за презентацијата на независниот проект на сликарот Тони Чатлески “Ротонда – уметност во просторот”, стрип активности на “Визант”…

Loading