ПРИЛЕПСКИОТ “ПЛАОШНИК” ЌЕ СЕ ОСВЕТУВА НА 8 АВГУСТ

Седмата донаторска конференција и акција саботно кафе и чај за Света Петка

– Донирани осум милиони денари, а се очекува уште еден милион

На 8 август ќе се освети црквата Света Петка што се гради во населбата Точила, откако, со собраните 8 милиони денари, ќе се завршат градежните работи, ќе се издигне камбанаријата и ќе се уреди плоштадот околу црквата. Верниците ќе можат да го посетуваат храмот, кој понатаму ќе се живописува, а во дворот е планирана градба на административна зграда со менза. Според предвидувањата, црквата посветена на Света Петка, а чија градба се поврзува и со настанот кога загинаа 10 бранители кај Карпалак, се очекува да биде налик на охридски Плаошник, и по својата големина, архитектонска градба, како и по осветлувањето.      

Прилепчани седмипат, на празникот посветен на крштевањето на спасителот Исус Христос, ја покажаа дарежливоста, љубовта кон Бога, единството со огромниот одзив на донаторската конференција за доизградба на црквата. Масовно се поддржа и акцијата, саботно кафе и чај, кога средствата за топлите напитоци се собираа за црквата.

– Беа собрани 7,7 милиони денари, донирани од стопанството и граѓаните на конференцијата јавно. Од акцијата саботно кафе, од касите пред кафулињата се собраа 144 581 денар. Од донациите на телефонските јавувања собрани се 69 000 денари. Јавувањата ќе продолжат до крајот на февруари. Административците од јавните претпријатија уште не ги  пријавиле донациите. Вкупно, од сите акции годинава се собрани 7. 913 581 денар – вели Мики Ристески, од Иницијативниот одбор за изградбата на црквата.

Намесникот Блаже Станкоски изрази благодарност.  

– На сите што даруваа им посакувам добро здравје, среќа, напредок во животот и верата, со еден цитат од Светото писмо кој вели “Оној што дава, Господ ќе му возврати стократно” – вели Станкоски.

Градоначалникот Марјан Ристески упати честитки за дарежливоста и широкоградоста на бизнис секторот и на сите граѓани.

– Конференцијата беше поуспешна од другите. Собрани се околу 8 милиони денари, кои не се конечни. Не се вкалкулирани средствата од некои претпријатија. Се очекуваат над 9 милиони денари. Тоа ветува дека на 8- ми август ќе имаме осветување на црквата Св. Петка, воздигнување на камбанаријата и почеток на градбата на околното плато. Потврдивме дека сме меѓу најхристијанските градови и дека граѓаните секогаш даруваат за верски храмови – вели Ристески.

Иконостасот ќе биде привремен. Првин ќе се проектира живописувањето. Запазена е средновековната византиска архитектура, а во внатрешниот дел ќе се вклучат модерни решенија – подно греење и иконостатсот ќе биде целосно во бел мермер. Ќе има специјални лустери,  како и модерни алармни и системи за озвучување. Посебен украс ќе биде  надворешното осветлување, како на Плаошник. Помодерно и поекономично со лед диоди. Подоцна ќе има и други донаторски конфернции за придружните објекти.

Од Мермерниот комбинат најавуваат донација на неограничени количини мермер, потребен за иконостасот и подот. Ќе треба да се плати само работната  рака. Обезбедени се гранитни плочки и травертин. Најголем “залак” е изработката на фрескоживописот.   

Loading