МИЛЕНИУМСКИ ЈУБИЛЕЈ

Локалните власти ќе одбележат илјада годишнината од првиот пишан документ за Прилеп. Според Снежана Ристеска, советник за култура во локалната самоуправа, градот ќе издаде монографија, подготвена од еминентни научни работници, чија промоција се очекува на крајот на оваа година.

– Официјално, отвораме кампања за промоција на јубилејот – илјада години на Прилеп. Византискиот историчар Јован Скилица пред еден милениум, првпат го запишал Прилеп во документите под името Прилапон. Со друштвото за наука и уметност, локалната самоуправа ќе издаде монографија, во која ќе се постават историски документи за градот и за културниот развој минативе десет столетија – вели Ристеска. 

Локалните власти ќе формираат иницијативен одбор од компетентни луѓе од  Музејот, Архивот, Институтот за старословенска култура и Институтот за тутун, кои ќе ја утврдат физиономијата на содржината на публикацијата.

За одбележувањето на милениумскиот Прилеп, веќе се дизајнирани неколку варијанти за годишнината, кои се поставени на интернет страницата на локалната самоуправа, а граѓаните ќе можат да го изберат најдоброто, кое ќе стои на плакатите и на сите документи на градот годинава. 

Loading