МАЛКУ МУАБЕТ, МНОГУ РАБОТА ВО ПОБЕДА

Фудбал: Подготовки пред тешката битка за опстанок

– Попусто визија, ако не се оствари ни 30 отсто, сî што сакаме треба да се види на терен – вели новиот тренер Јане Николоски

Победа за тренер го назначи некогашниот репрезентативец Јане Николоски, а штом се работи за такво големо име, јасно дека нешто позитивно се движи. Очигледно, управата и стратегот се совпаднаа во визијата да се направи не само добар тим, туку здрав клуб. Добар тим се создава брзо и брзо се растура, а за клуб треба време. Исправно, наместо од покривот, работите тргнаа од темелот. 

– Чекав ваква ситуација. Претходно, не можев во 11 Октомври од здравствени причини, а кога замина Витаминка немаше услови. Ако се нафаќам барам услови. Токму тие се во планот на оваа Победа. Понудата не се одбива – вели Николоски.

Видлива е огромната желба да постигне многу во новата улога. Се очекуваше да биде голмански тренер, но смета дека кај нас таа позиција не е доволно ценета. Тој вид тренер нужно е да има поголемо влијание во играта, отколку само шутирање топки на голманите. Затоа се одлучил да стигне до лиценца и биде тренер на цел тим. Поборник е на малку говорење, а многу работа.

– Попусто визија, ако не се оствари ни 30 отсто. Сî што сакаме треба да се види на терен. Многу зборувања се едно, условите друго, можностите трето. Не сум за говори, повеќе за работа. Долги состаноци, малтретирања немаме. Кусо кажуваме, а фудбалерите 100 отсто извршуваат. Ако продолжат така, резултатите ќе дојдат – порачува Николоски.

Нови ветришта дуваат во Победа. Знак е обезбедените 10-дневни подготовки во Банско, што не се случило години наназад. Еден е од приоритетните потези на кои се инсистирало. Како големите екипи, совреме се закажани пријателските на 1. февруари со Пелистер, на 4. со Металург, на 6. со Младост Лучани, на 8. со Тиверија, а има време за уште две – три. Навивачите се загреани и посакуваат скок кон врвот, но нема бегање од реалноста.

– Да не залетуваме, наша цел е опстанокот. Никакви други амбиции немаме – заврши Јане Николоски.

НОВИТЕ ТРЕНИРААТ

Додека не заврши процедурата со документите, од Победа не објавуваат имиња на нови играчи, иако веќе тренираат. Меѓутоа, навивачите бргу разбраа дека се работи за Д. Талески (Металург), Сркески (Миравци), Кебакоски, Димитриоски (Кадино), Стомнароски (11 Октомври), Илиовски (Исланд), Ф. Мирчески, Колевски и Петрески (Напредок). 

Loading