ВЕСЕЛИ ЛИЦА ЗА ВАСИЛИЦА

Според адетот, за Василица, во секој дом се врти мазник со паричка. На тој што ќе му падне парето, цела година ќе го следи среќа. Асоцијацијата Порака ја одржа традицијата со 35 лица со интелектуална попреченост заедно со родителите. Децата цветаа од среќа кога во парчето мазник ќе го најдеа светкавото денарче – предзнак за година исполнета со радост, здравје и веселост.

Не само кај децата, паричката предизвикува насмевка и радост и кај возрасните. На традиционалното вртење на мазникот во Друштвото за наука и уметност среќата му се насмеа на 89 годишниот прв боречки ветеран, Благоја Чоноски. Тој не можеше да ја скрие радоста на пријатното изненадување ниту со присуството на градоначалникот Марјан Ристески и пензионираните научни работници и младите екперти и професори, како и на малкуте членови на боречката организација кои ги негуваат адетите на предците.

И жените – пензионерки ги следат обичаите. Не само што завртија мазник со паричка, туку завија и оро како најава за Старата Нова година или православната нова година. На орото беше највесела и бликаше од радост Блага Димитриоска, оти ксметот í стигна нејзе меѓу стотина пензионерки.    

Loading