“УА” ЗА НАШИ СУДИИ

Историја

Прилепската публика негодува и кон домашни судии. Летото 1986, по четири “посни” години, Победа се врати во второлигашкото друштво и со нетрпение се очекуваше стартот дома со Трепча. Спроти тој меч се одиграа контроли. Како по обичај, генералната проба беше со соседниот ривал, ФК Прилеп. Љубопитни да ги видат засилувањата М. Јонуз, Зекиќ, Коприќ, Ковачевиќ, на стадионот се преполни малата трибина. Само што топката тргна од центарот, се виде каде е приклонета публиката, кон два ранга подобриот. Со кого да игра, навива за – Победа. Иако противник е најградскиот клуб, Прилеп. Победа напаѓаше, но при една контра, во празно беше проигран З. Петрески, кој избегна офсајд и погоди за 0-1. Негодувањата од цела трибина како голем хор. “Уа” се врескаше кон судиите, сметајќи дека голот е нерегуларен. Ја тресеа и оградата. Којзнае што ќе се случеше, ако резултатот не се превртеше благодарение на центарфорот Коприќ. Даде пет гола до конечни 5-1 за Победа.

Така, со оптимизам се дочека републичкото финале за Купот, каде со 3-0 е совладана Беласица, а на второлигашкиот старт со 2-0 беше победена Трепча.

Loading