УСЕТ ЗА ГОЛ!

Разговорот се водеше пред неколку години. Ќе објасниме подолу зошто дури сега се навраќаме на тој настан.

Поголемо друштво. Повозрасни луѓе. Тема на разговорот- фудбалот. Се разбира, “Победа” беше во центарот на дискусијата. Присеќавање на убавите фудбалски денови. Малку инаeтење – кој се сеќава повеќе и поточно на некои настани. Се зборуваше за квалитетот на некои од фудбалерите. Обично, најмногу се паметат најдобрите стрелци. За еден од таквите се разговараше подолго. Се фалеа неговите голгетерски квалитети. Па еве, да го споменеме. Тоа беше Томе Јакимоски. Постарите луѓе убаво го паметат. Ги паметат и неговите ефектни голови. Еден од соговорниците вели дека Јакимоски имал ЊУХ за постигнување голови. Токму тој збор (ЊУХ) не натера да пишуваме за тој некогашен разговор. Одамна сме размислувале и еве сега му дојде редот. ЊУХ!? Што значи тој збор? Дали е наш и дали треба да го употребуваме? Се заинтересиравме и се зафативме за таа именка зашто и денеска слушаме поединци да ја употребуваат.

Зборот ЊУХ го нема во македонскиот јазик. Преземен е од српскиот. А таму тој значи МИРИС. Во определени ситуации Србите би рекле “Пас је нањушио”. Ние би рекле – “Песот надушил”, значи намирисал, насетил. Но, во нашиот јазик именката МИРИС нема развиено такво значење како што има именката ЊУХ во српскиот јазик. Србите велат дека едикојси играч имал ЊУХ за гол, но ние нема да речеме дека фудбалерот има МИРИС за гол. Сепак, многу луѓе, без да размислуваат дека зборот не е наш го употребуваат – “Њух за голови” и не само во такви ситуации и не само за голови. Каде е решението? Кој е нашиот збор за тоа? Имаме ли ние збор што би го имал таквото значење? Да, имаме! Можеме да речеме дека таквиот играч има чувство, истанчено чувство за постигнување голови. Можеме да речеме и дека има ОСЕТ за голови. Но, според нашето мислење, најточен би бил зборот УСЕТ. Во Речникот на македонскиот јазик одбележани се двата збора и ОСЕТ и УСЕТ. Во некои случаи се преплетуваат нивните значења. Сепак, тие имаат, речиси, суштинска разлика. Голем дел од нашите граѓани го одбегнуваат употребувањето на зборот УСЕТ, мислејќи дека е српски, поради префиксот “У”. Се разбира, грешат.

А во што е разликата меѓу овие две именки кои навидум се исти или речиси исти? Кога ќе речеме ОСЕТ, веднаш мислиме на впечатокот што се прима преку нашите сетила, преку нашата перцепција. Би се рекло дека некој ОСЕТИЛ миризба, ОСЕТИЛ болка, ОСЕТИЛ тежина и така натаму.

Кога ќе речеме УСЕТ не мислиме на впечатоците добиени преку нашите сетила. Именката УСЕТ се однесува за нешто вродено, нешто што човекот го носи во својата индивидуалност, во својата природа. Ќе чуеме дека некој имал УСЕТ за музика, УСЕТ за нешто убаво. Значи, УСЕТ е всушност дарба. Видлива е разликата меѓу овие два збора. Така ќе биде и со фудбалерот кој постигнува многу голови. Тој има УСЕТ за тоа. Еден тренер велеше дека на Панчев не треба да му се кажува како да постигнува голови. Тој тоа го носи со својот талент. Значи тој имал УСЕТ за гол а не ЊУХ.

Пред малку рековме дека според нас најточен збор во македонскиот јазик е именката УСЕТ. Но, како привршуваме со пишувањево се повеќе се наметнува заклучокот дека тоа е најдоброто и најточното решение. Сега велиме дека не само според нашето мислење, туку и според сите околности, српскиот збор ЊУХ (во ваквите ситуации) треба да се заменува со УСЕТ. Точно, токму тој збор го одразува инстинктот на соодветниот фудбалер да постигнува голови, на музичарот убаво да свири, писателот да пишува и така натаму. За сите тие работи потребен е УСЕТ. Именката МИРИС не може да има таква служба. Не можеме да речеме дека некој има МИРИС за гол.

Целиов напис го посветивме само на еден збор. Принудени бевме. Многу често го слушаме зборот ЊУХ, а имаме наш.

Благоја Ивчески

Loading