Јасмина Трајческа, пијанист
– Уживам на Шопен, Лист, Рахмањинов, Шостаковиќ и Дебиси
Јасмина Трајческа е млад пијанист, која неодамна одржа концерт во родниот град, иако повеќе години живее и работи во Скопје. Се претстави во вистинско светло, потенцирајќи дека í е задоволство што го претставува родниот град на многубројните концерти во земјата и во странство.
Од мала сонувала да биде пијанист. Желбата í се исполнила. Повторно да избира пак би била музичар.
Што е музичар?
Голем благодет даден од Бог. Музичар е возвишеност, космичкиот звук на креирањето, учество во создавањето на хармонијата.
Зошто го одбра пијаното како инструмент?
Сите деца фантазираат и чезнеат да се занимаваат со уметност, да се пијанисти, да танцуваат балет во убави и раскошни сали… Така и јас. Кога гледав некој концерт на класична музика на пијано, секогаш ми го привлекуваше вниманието и потсвесно сакав многу да свирам на овој инструмент. Додека не тргнав на училиште секој ден барав да свирам на пијано. И се случи во еден посебен ден. Цел живот до сега, па и дури да се родам повторно, би го избрала пијаното. Едноставно ме фасцинира и се уште сум опседната со црно – белите типки, педалите, длабоката широчина на звукот.
Што те привлекува да му се посветиш на клавирот со цела душа?
Привлечноста е многу скромен збор… Чувството кога изведувам некоја композиција, контактот со секоја типка, е црпење на музиката од најдлабокиот извор на мојата душа и постоењето на убавината на прекрасен скромен свет за мене. Со други зборови, е најголемото и насушно оружје на мојата суптилност и секојпат го победува сивилото, меланхолијата…
Која музика ти лежи?
Уживам во класичната музика. Тоа не се однесува само на периодот класицизам, туку и на дела од барокот, романтизам, па се до музиката на 20 век. Секој период и секој жанр има свои карактеристики и убавина.
А омилени автори?
Свирам сé. Нешто во кое се чувствувам одлично и уживам со цела моја душа и сензибилитет се авторите Шопен, Лист, Дебиси, Рахмањинов и Шостаковиќ.
Како успеваш на учениците да им ја пренесеш љубовта кон музиката?
Како активен концертен уметник и професор по пијано, најдлабоко и со големо трпение им раскажувам на учениците. Свириме, објаснуваме со часови како треба да се направи и почувствува малата музичка фраза, како да се дојде до едно убаво сработено музичко дело и како да се ужива во него. Одлично соработуваме. Првин сум голем пријател, родител, а потоа професор. Малку сум строга, но тоа се простува. Постигнуваме вонредни резултати на многу музички фестивали и натпревари, не само во Македонија, туку и во странство. Тоа е од обострано задоволство.
Каде се гледаш како музичар?
Класичната музика е една од најголемите движечки енергии насекаде. Таа поттикнува креирање и создавање на нешто бесконечно. Се гледам секаде во европските центри, па и подалеку, но сум длабоко поврзана со нашата земја. Нормално, се гледам и тука. Во земјата недостигаат, на пример, убави сали, концертни пијана, организација. Располагаме пак со многу убава енергија и топлина во која уметник, и во најтешките услови, ќе посака да создаде нови звуци и нов патоказ.
Јасмина Трајческа основно училиште завршла во Прилеп во класата на наставникот Виолета Кочоска. Се школувала во ДМБУЦ “Илија Николовски – Луј” во Скопје, а дипломирала на одделот за пијано на ФМУ во Скопје. Завршила постдипломски студии во класата на проф. Валери Стефановски. Добитник е на повеќе награди во земјата и странство. Таа е професор по пијано во средното музичко училиште во Скопје.