ГОДИНА ВО ЗНАК НА РЕЖИСЕРКИ

Во театарот

Театарот “Војдан Чернодрински” при ЦК “Марко Цепенков” очекува средства од Министерството за култура за неколку значајни проекти. И додека се чека јавното обелоденување на програмата за 2014, се знае дека театарот конкурира со шест проекти. Годинава ќе е во знакот на режисерките.

– Од четирите претстави за кои очекувам поддршка, дури три ќе ги работат жени. Станува збор за жанровски разновидни претстави на млади творци. Нела Витошевиќ треба да ја работи “Сон на летната ноќ”, Наташа Поплавска да го постави култниот текст “Буре Барут”, додека гостинката од Хрватска, Ања Максиќ, ќе го режира малку познатиот текст од Крлежа, “Адам и Ева”. Четвртиот проект ќе биде избор  меѓу текстот “Грабеж” што треба да го режира младиот Југослав Кочовски и “Сомнително лице” во режија на Саша Габриќ од Белград, кој треба да е копродукција со Нишкиот театар. Предложени се и два текста од режисерот Кирил Петрески. Една комедија “Хамлет од Долна Мрдуша” и текст на современ германски автор – вели раководителот Стојан Дамчески, потенцирајќи дека има најави претставата “Швејк во втората светска војна” во режија на Мартин Кочовски да се најде на неколку европски фестивали.

Театарот лани постави четири премиери, со околу 100 одиграни претстави. 

Loading