ШИРЕЊЕ НА ДУХОТ НА ЉУБОВТА И МИЛОСРДИЕТО

Достојни на традицијта се одбележа најрадосниот празник – Божик

Во духот на македонските обичаи и традиции, разменувајќи си желби за здравје, среќа и благосостојба, прилепчани го прославија Божик, празникот на мирот и на единството. Со зборовите “Христос се роди, навистина се роди”, православните верници си го честитаа празникот. На свечените литургии во сите храмови, присуствуваа бројни верници. За секого Божик е најрадосниот празник, ден за сплотување со отворени срца и чиста мисла.

Традиционално прилепчани го одбележаа и Бадник и Коледе, денот пред раѓањето на Исус Христос. Бадник е празник што се слави во кругот на семејството со посна, но свечена вечера. Ден пред тоа, немаше маало, уличка или населба каде не се запалија коледарските огнови. Рано изутрината на Бадник, децата пееа коледарски песни и одеа по куќите каде што добиваа подароци: пари, ореви, костени, јаболка, портокали и др.

Божик е празник посветен на љубовта, простувањето и милосрдието. На празникот му се радуваат децата, но  и возрасните на новиот живот, вистината и љубовта.

Тоа е ден кога се покажува и материјална и духовната поткрепа и безрезервна помош и поддршка на оние кои немаат. Токму во духот на православието, претседателот на советот Никола Димески донираше пакети за социјалните семејства со желби во срцата на сите верници да се всели мирот и спокојството, радоста и разбирањето, љубовта и почитта кон блиските. Заедно со советниците посетија семејства – корисници на социјална помош во населбата Жабино Маало, каде компанијата Телефонмонтажа донираше храна и средства за домаќинство.

Околу 400 деца со различна етничка припадност и вероисповед, деца со посебни потреби, без родители, деца на загинати бранители –  учесници во конфликтот од 2000/2001 година од Прилеп, Ресен, Струмица, Штип, Куманово и Скопје присуствуваа на традиционалниот осми по ред, божикен ручек во организација на детската амбасада “За сите деца во светот”. Децата се дружеа, се забавуваа со божикни песни. Владиката Петар годинава го доби престижното признание “Орден на мирот”. Новогодишни пакетчиња на децата им додели градоначалникот Марјан Ристески, а за празничната атмосфера се погрижија децата од Фестивалот Ѕвездички и детскиот хор Мали ангели.

БЛАГАДУША ДАРИ ОД ДУША

Дека Божик е празник кога се подава рака и се дарува и на оние кои немаат, со личен пример покажа и исполнителот на новокомпонирани песни Рубин Благадуша. Онака како што асоцира и неговото презиме дека е добар човек, Благадуша ја отвори не само душата, туку и кесето, донирајќи средства за неговите сограѓани со цел да им ги разубави празниците. Подари и прехранбени производи за социјалните семејства.

Овој млад човек не донира првпат, а како што рекол народот, “раката што дава, не се суши”, па естрадниот уметник својата хуманост досега ја има покажано многупати.  Има и дава!

Loading