НЕМАШЕ ЕКИПА БЕЗ СПОНЗОР

Уште нешто за турнирот “Свети Никола”

Зад нас е турнирот во мал фудбал “Свети Никола”, а впечатоците уште се силни. Во спомен е преполнетата сала “Сонце”, каде 2500 гледачи го поздравија победникот Мите транс Секирци, по триумфот 3-1 над Корнер Баба Цана Куманово. Има уште многу детали.

Вредна е бројката од 38 екипи учеснички од општинава, Ресен, Битола, Куманово, Возарци, засилени со играчи од секаде, а во ветеранскиот дел гости Партизан и Сараево. Сите екипи имаа спонзор за котизација, тренинзи, превоз и опрема. Менуваа по два – три комплета. Тука е значењето на турнирот. Ако клубовите во лиги тешко доаѓаат до спонзори, овде вреди учеството во престижна манифестација.

Одлична организацијата, со напори за затоплување. Висока оценка за новите правила и судењето. Лимитот до пет прекршоци, после кои секој нареден е пенал, придонесува за чиста игра. Арбитрите пред мечевите одржуваа предавања, а во играта не толерираа глума со офкања. Играчите видоа дека тие трикови не поминуваат. Прекрасен турнир за огромни очекувања за в година, кога се одбележува милениумот на градов.

Идеален тим: Христоски (Н. Текстил), Ј. Наумоски, Мустафов, Дунимаглоски (М. Транс), Давчевски, Јовановски (КБ Цана), Несторовски (Р. Путник), Мижоров (Ветаџока), Мицев (Ц. Река) и Даноски (С. Лајф).

Loading