,,КАМЕНИ БОГОВИ,, НА ТРЕНЧО ДИМИТРИОСКИ

,,Камени богови – Мегалити и карпи со култни белези во Пелагонија, Мариово и Прекурид,, е новата книга од новинарот и публицист Тренчо Димитриоски, во издание на ,,Ризница,,. Делото е плод на долгогодишното истражување низ Пелагонија, Мариово и Прекурид. Содржи дел од објектите, кои се документирани и определени како експонати од културен карактер, поврзани со животот на човекот во овие области.

– Со помалку или повеќе културни траги на објектите и во нивната непосредна околина, сите претставуваат вистински факти за културниот опстој низ времето и споменици на културата од особено значење. За жал, не ретки се неразумните уништувања, обезличувања или отстранување на ваквите споменици. Констатиравме многу такви појави, особено загрижувачки за нивниот опстанок – вели Димитриоски.

Потенцира дека прилепскиот релјеф, но и релјефот во Мариово и од работ на Пелагонија, претставуваат природно богатство од разновидни денудациони форми, кои го привлекувале вниманието на жителите на овој простор уште од длабоката праисторија.

– Настанала своевидна комуникација меѓу фасцинантните релјефни форми на каменот и човекот кој го населувал овој простор. Многу од формите станале средишта на активен општествен и религиски живот, односно населбените простори. На тоа упатуваат, трагите по карпестите форми, како и остатоците на материјална култура. Среќаваме праисториски карпи, кои служеле за култни објекти и околу кои се среќаваат остатоци на материјална култура од праисториските периоди и раната антика. Но, и христијански белези и, неретко, служат како христијански култни објекти. На просторот се најдуваат многу експонати на мегалитската култура. Често тие носат и културни белези на современите периоди, занемарувајќи ја првобитната функција, а кои современите луѓе секундарно ги користеле. Регистрираните објекти како експонати во трудот, се класифицирани во 11 групи (Свети планински врвови, Мегалити, култни карпи ‡ централни објекти во праисториски населби,  култни објекти во карпа со врежана симболика,  култни објекти во карпа со цртежи, карпи со комплексна култна симболика, со  реципиент ‡ жртвеници, со кружни камени конструкции, пештери со култна симболика,  карпи со фрескоживопис и со крстовидни симболи) – додава авторот, потенцирајќи дека книгата е обид за идентификување на овој вид споменици во областите Пелагонија, Мариово и Прекурид и почеток за истражување.

Loading