ЈАНЕ НИКОЛОСКИ – ТРЕНЕР НА ПОБЕДА

Нов тренер на Победа е Јане Николоски, поранешниот голман и македонски репрезентативец. Тој прват запливува во тренерските води во матичниот клуб во родниот град. Николоски ја презема Победа и започнува со тренерската кариера, откако фудбалската ја заврши пред три години.

– Мило ми е што тренерското искуство го почнувам во мојот клуб, Победа. Се надевам на успешно дебитирање како тренер – изјави Николоски, чии помошници ќе му бидат Златко Петрески и Блаже Смоквоски.

Поранешниот македонски голман Николоски има 27 настапи во кариерата за нашата најсилна репрезентација, а беше чувар на мрежата во Слога Југомагнат во времето кога чаирскиот клуб освои три шампионски круни, бранеше и за Славија Софија, Персеполис (Иран), Славен Белупо (Хрватска), како и кипарските АПОЕЛ И АЕЛ Пафос.

Целта на Победа е најмалку шесто место за директен опстанок. Не е лесно, но е остварливо, поради седмата позиција со 23 бода. Исти бодови има со шестата Дрита, само бод зад Скопје и Врапчиште. Напролет се седум меча дома и осум на гости.

Есеноска екипата броеше 23 члена: Ристевски, Настески, В. Митревски, Богоески, Велјаноски, Момироски, Јанкулоски, Котески, Мегленски, Карчески, Петрески, Крстески, Ацески, Мустафов, Јанкоски, Зојчески, Андреевски, Здравески, Б. Митрески, Тошески, Станковски, Чешелкоски и Гешоски.

Loading