ЗАМИНА И ИВАНОВСКА

Ракомет

Некогаш доаѓаа, сега многу повеќе заминуваат од женскиот суперлигаш Жито Прилеп, сезонава македонски претставник во европскиот куп на ЕХФ. Играчкиот кадар е без 12 првотимки, заминати од почетокот на домашното првенство. Последна клубот го напушти бекот Маја Ивановска од Куманово. Од летото досега, истото го направија голманките Дијана Наумоска и Сандра Дурланова, бековите Викторија Мурговска, Рената Бошковска, Тамара Стојановиќ, Савица Мркиќ, Јасмина Андонова и Марија Петлеска, крилото Александра Здравевска, пивотите Маја Нацева и Марија Серафимовска.

Од носителите на екипата добро е што за напролет на паркетот во “Арена Сонце” остануваат искусните бекови Тања Шалевска, Мери Гичева и Мери Адамческа, како и крилото Софија Аџулеска. Покрај нив на располагање се помладите бекови Ангела Саздова, Елена Крстевска, пивотите Сара Цаневска и Зорица Михајлова, крилото Андреана Неделкова, голманките Ангела Стојанова и Љупка Белмезова. На Управата и тренерот Пеце Велјаноски е да одлучат како ќе ги пополнат празнините, со засилувања од страна или со членки на младинскиот погон.

Следниот собир на четвртопласираниот суперлигаш е кон средината на јануари.

Loading