ЗАДОВОЛЕНИ СИТЕ КУЛТУРНИ ВКУСОВИ

Снежана Ристеска – советник за култура

Што спаѓа во ресорот советник за култура?

Работните должности на советникот за култура се состојат од подготвување на годишната програма за култура на локалната самоуправа, изготвување на проекти од културата, програма за институционална и финансиска поддршка на културните установи и на културните работници и здруженија кои се од значење за културата, програма за негување на фолклорот, обичаите и другите културни вредности, организирање манифестации и одбележување на значајни настани и личности, помагање во издаваштвото и промоции на книги на прилепски автори како и следење и проучување на законите од областа  на културата.

Што е сработено од вашиот сектор годинава?

Во 2013 година заедно со Министерството за култура,  покрај годишните програми на институциите, се реализирани заеднички проекти, како реконструкцијата на Градскиот часовник, обновата на фасади, а граѓаните добија и нова кино сала после многу години да уживаат во проекциите на избрани филмови од домашни и светски продукции. Се поставија и споменици на истакнати личности од културната историја. На плоштадот пред Марко Цепенков се постави споменикот на Блаже Конески, а в година ќе се одбелжи со споменик и Круме Кепески, со што просторот ќе го носи името “Литературен плоштад”.

Прилеп е познат како градот под Марковите кули, а Кралот Марко нема монумент?

Се планира конкурс за избор на идејно решение за импозантен споменик на Крал Марко. Во подолгорочната програма планирана е доизградба на спортската патека Крал Марко, како и реконструкција на Марковите Кули, симболот на градот, за кои се подготвуваат проекти за аплицирање во меѓународните фондови за обезбедување средства.

Кои се позначајните настани кои се предмет на Ваша грижа?

Се одржаа повеќе културни настани предвидени во годишната програма за збогатувањето на културниот живот. Меѓу најзначајните е Меѓународниот карневал Прочка. Со спецификата е поставен на високо место во културниот живот, а за кои постои развиена свест за значењето на зачувувањето на изворната традиција на обичаите со маски. Карневалот го штити, зачувува, негува и го промовира културното наследство. Го афирмира градот и го презентира на локално, регионално, државно и меѓународно ниво. Потоа Деновите на Крал Марко, Мариовско – мегленските културни средби, кои го негуваат фолклорното богатство каде се испреплетува колорит од народни носии, македонски ора и песни и по некој пишан збор. Средбите го зближуваат населението од Мариово и Меглен. Тие се средби на иселени лица и влијаат на културната размена. Прилеп е лулка на театарската уметност и домаќин на Македонскиот театарски фестивал “Војдан Чернодрински” речиси половина век. Тука е Фестивалот на народни инструменти и песни “Пеце Атанасоски”, кој е единствен од ваков вид во државава и пошироко на Балканските простори. Локалната самоуправа, заедно со Министерството за култура и општината Долнени, се постојани поддржувачи на фестивалот на фолклорот, кој е сведок на цели епохи на македонското живеење. На Фестивалот на пивото се става силен акцент на музичко – забавниот дел со присуство на популарни балкански естрадни ѕвезди. Градот стана препознатлив и единствен во државава, понесувајќи ја титулата за најдобро организирана туристичка манифестација од страна на министерството за економија.

Градот следи и негува неколку необични фестивали и манифестации?

Манифестацијата Интернатионал Прилеп Jazz Weekend, го презентира музичкото творештво во светот на џезот пред нашата публика со идеја за поинаков, урбан Прилеп и заложби за следење на вистинските вредности и културни содржини. Овој џез викенд е дел од проектот насловен “Сезонски фестивал” во рамките на кој се планирани викенди на џез, рок, алтернативна и сериозна музика, кои се одржуваат во различни годишни времиња, давајќи придонес во развојот на фестивалскиот културен туризам. Најслободната музичка форма има две изданија, на кои настапија позначајните македонски џез музичари (Sethstat, Летечки Пекинезери, Тони Китановски, Кабадајас, Ѓорѓи Шаревски, Гоце Стефковски септет, Дамир Имери трио , Трио ТАО, Марија Димитријевиќ трио и тн.) , како и интернационални изведувачи (Fish in Oil, Eyot). Сите овие манифестации го развиваат фестивалскиот културен туризам, но и алтернативниот и спортски туризам што е дел од општата стратегијата за развој. Со првата промотивна меѓународна мотокрос трка на новоизградената патека кај селото Лагово, на која учествуваа натпреварувачи од Бугарија, Србија, Грција и Македонија, со редовните меѓународни Болдеринг натпревари, со велосипедската тура во Мариово, Прилеп се става на мапата на алтернативниот туризам и се промовира на меѓународен план.

Што се одбележува и како во градов?

Во рамките на годишната програма се и настаните со кои се одбележуваат значајни јубилеи на настани и личности од револуционерната и културната историја на Прилеп, како 11. Октомври, 3. Ноември, одбележување на патронот на градот Св. Никола, како и дочекот на Нова Година.

Loading