СПОРТОВИ ЗА ПУБЛИКА И ЗА МЕДАЛИ

Осврт 2013

Само неколку спортови се истакнуваат во последно време, а драстично не се се смени ништо и во 2013. Градов нема многу со што да се пофали и зад нас останува уште една скромна година. Клубовите и спортовите би ги поделиле во две групи, едни за медали, други за публика.

Во оние за медали секако во прв план е каратето. Има успешни во КК Ронин и во КК Спорт 94. Ката мајсторки се Искра Каракашоска, Марија Матракоска, Зорица Спиркоска, Верица Трајковска, Пуликсенија Јованоска, Мишела и Маријана Димоска, а во борби Мартин Петрески, Тодор Ристески… Највисок дострел имаат близначките, првопласирани на рејтинг листата од Светската карате федерација (ВКФ). Моделарството исто им “лежи” на нашите натпреварувачи. Медали се освојуваат на светски купови од Бојан Димески, Владимир Џиџалески, а успех е и организацијата на два такви врвни настани во Мало Коњари. Кон европскиот и светскиот врв докажан потенцијал има и параглајдерството, во дисциплината прецизно слетување. Миле, Мартин и Борјан Јованоски речиси секаде на пиедестал каде и да се појават, но штета поради финансии не беа на светското во Сараево.

Спортови за публика секако се ракометот и фудбалот, но засега недоволно квалитетни да ја донесат на трибините. РК Прилеп и РК Таста 107 се одлучија мечевите да ги играат во училишна сала. Можеби шанса за спектакл како некогаш ќе биде суперлигашкиот статус в година. И тоа не е гаранција, ако нема добра лига и дерби дуели, а најдобар пример е женската лига каде пет години е Жито Прилеп. Во фудбалот Победа мора најитно кон Првата лига, а 11 Октомври или некој друг претставник во Втора. Трибините од градскиот стадион не се полнат лесно, но тоа не значи дека треба откажување. Напротив фудбалот е престижен спорт, сите го ценат и тука вреди да се инвестира. Дека публиката е гладна, потврда е малиот фудбал и преполните трибини на хуманитарниот турнир.

Loading