ПОБЕДА ОДМАРА ДО 9 ЈАНУАРИ

Фудбал

Во Победа сериозно ја сфатија сезоната во која опстанокот е трофеј. Мошне рано, на 9 јануари (12 ч.) е закажана прозивката и старт на подготовките. Стручниот штаб на чело со Златко Петрески планира тренинзи во градов и на други места. Најавени се засилувања кои засега се тајна. Упатените велат дека првенствено се преговара со наши играчи во другите, прволигашки клубови. Разбирливо е што се кријат имиња, додека не се средат формалностите. Добро е што ќе ги има, зашто само засилен тим може да избори пласман во горниот дел, над седмото место.

Напоредно се средува клубот и инфраструктурата. Просториите се дотеруваат, се врши поправка на сé неисправно. Има гаранција дека во иднина ќе нема проблем со струјата и водата. Со нетрпение се очекува санирањето на теренот, но имајќи ги предвид временските прилики, извесно дека на тоа ќе се работи напролет. Поквалитетен, засилен тим заслужува поквалитетен терен.

Преовладува оптимизам за излез од кризата. Гаранција се петте спонзори: Комфи ангел, Пиварницата, Жито Прилеп, Кабелнет и Општината, кои докажуваат дека може да успее модел на здружени финансиери, а не како порано, секогаш само со – еден.

Loading