МИТЕ ТРАНС ИЗВОЗИ ДО ПЕХАРОТ

Мал фудбал: Заврши турнирот “Свети Никола”

Пред 2. 500 гледачи падна фаворитот Корнер Баба Цана

Спектакуларна завршница на турнирот “Свети Никола”. Во преполнетата сала “Сонце”, 2. 500 гледачи го поздравија победникот Мите транс Секирци, со финален триумф од 3-1 (1-1) над фаворитот – Корнер Баба Цана Куманово. Иако гостите, футсал репрезентативци од Железарец, поведоа во 2. минута преку Агуши, бргу, пет минути подоцна израмни Мустафов, а во вториот дел пресвртот беше преку најдобриот поединец Ј. Наумоски и Б. Наумоски.

Шампионскиот тим го предводеше тренерот Т. Наумоски, а настапи со членови на Металург, Победа и 11 Октомври: Талески, Дунимаглоски, Ј. Наумоски, Радески, Мустафов, Николоски, Петрески, Јанкоски, Коруноски и Б. Наумоски. До наградата од 300. 000 денари стигнаа со еден пораз.

Вториот доби 160. 000, а 80. 000 се за третиот, Ресторан Путник Битола по триумфот 8-1 (1-1) над Најс текстил. Градоначалникот Марјан Ристески врачи и поединечни награди. Најдобар играч е Боби Давчевски (КБ. Цана), голман Диме Христоски (Н. Текстил), стрелец на 8 гола – Илчо Несторовски (Р. Путник), фирма поддржувач КДС Кабелнет, а специјален подарок за Марјан Радески, најдобриот млад фудбалер според ФФМ.

Публиката уживаше и нема дилеми, турнирот е полн погодок. Дефинитивно, малиот фудбал им треба на прилепчаните во зимскиот период. Очигледно не се проблем парите за влезници. Во некои спортови и со отворени врати не влегува никој, а ваму имаше метеж пред благајната. Плаќаат само за она што вреди. Можеби чудно, но вистинито – турнирот е единствена спортска манифестација со влезници во Прилеп.

БИБИ – ГОЛ ОД 30 МЕТРИ

Интересни беа и ревијалните. На ветеранскиот дуел Ол стар со 4-2 ја совлада репрезентацијата на Македонија. Имаше прилепско – битолски пресметки. На женскиот меч Конзули со 2-0 ја победија Победа, а на пионерскиот, 11 Октомври Вецески со 2-1 беше подобар од Пелистер Грозданов. “Шоу” беше Мајмуни – Полиција 2-2 (пенали 2-2), каде гол од 30 метри даде Блаже Димоски – Бибио.

Loading